Состанокот во Брисел и официјално најавен за 10 јуни

Европската комисија денеска за 10. јуни го најави состанокот на комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан со политичките лидери од Република Македонија, а со цел комплетирање на договорот за надминување на политичката состојба во земјата.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во официјалниот календар за активности на еврокомесарите за следната недела, што секој петок го објавува неформалната Влада на Европската унија, за в среда е најавен состанокот на Хан со како што се наведува „политичките лидери од БЈР Македонија, во Брисел”.

Како што е познато, минатата недела, Хан заедно со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи, договорија рамка на договор за излез од политичката криза, која требаше да биде официјализирана на 10-ти овој месец во Брисел. Токму затоа, Еврокомисијата веќе го испланира овој состанок, што треба да се случи во зградата „Берлемонт” во европската престолнина. Но, попладнево, лидерот на СДСМ, Заев, најави дека нема да дојде на овој состанок поради, како што вели, пристрасноста на комесарот Хан искажана во неговата изјава за случувањата во Македонија при актуелната посета на САД.

Дописникот на МИА од Брисел, дненеска стапи во контакт со портпаролската служба на ЕК, како и со портпаролот на Хан, Маја Коцијанчич, со цел да добие реакција на најавата за откажувањето на присуството на Заев на состанокот идната недела, но иако најавија реакција, гласноговорничката и службата за информирање на ЕК, се уште не излегле со никаков став за последниот развој на настаните.