Совет на Европа: Македонскиот јазик ќе може да се изучува на територијата на цела Албанија

Комитетот на министрите на Советот на Европа, усвои резолуција за спроведување на Рамковната конвенција за заштитата на националните малцинства од страна на Албанија, во која Албанија прифаќа да овозможи школување на припадниците на Македонското национално малцинство на свој мајчин јазик од најрана возраст, на целата територија на Албанија.

Во резолуцијата се вели дека општо земено во Албанија преовладува клима на почитување и толерација меѓу националните малцинства и мнозинството. Во таа насока е усвојувањето на законот за заштита од дискриминацијата во 2010 и создавањето Канцеларијата на Комесарот за заштита од дискриминација.

Делот кој се однесува на изучувањето на мајчиниот јазик на националниот јазик на малцинствата е донесен скоро по едногодишна дипломатска активност, контакти, состаноци, разговори и преговори меѓу Постојаната мисија на Република Македонија при Советот на Европа во Стразбур, Секретаријатот на Советот на Европа и заинтересираните земји членки.

Оваа одредба на која се обврзува Албанија, значи дека припадниците на македонското национално малцинство ќе можат да побараат настава на македонски јазик не само во зоните на Албанија каде живее мнозинството од нив, туку и во останатите делови на земјата.

„Ова е сериозно постигнување за Република Македонија, но не само за Република Македонија и македонското национално малцинство, туку и за Република Албанија, која со прифаќањето и престојната имплементација на оваа одлука, ќе се стави во редот на европските земји кои прифатиле и ичплементирале повисоки стандарди во делот на почитувањето на јазичните права на националните малцинства. Нам како држава ни престои период од активно набљудување и соработка со Република Албанија во поглед на имплементацијата на оваа резолуција“, потврди амбасадарот на Република Македонија при СЕ во Стразбур, Петар Поп-Арсов, пренесе МИА.

Имено, во извештајот по кој беше донесена резолуцијата се вели дека можностите да се изучува малцинскиот јазик и да се добива образование на тој јазик се недоволни, посебно за македонското и грчкото малцинство надвор од зоните во кои тие традиционално живеат. А не постои настава на српски, црногорски, влашки, аромански или романи.

Во резолуцијата на Комитетот на министерите на СЕ се нагласува дека албанските власти во мај 2011 година ја укинаа обврската на изводите од матичната книга на родените да стои етничката припадност за лицата со потекло од грчкото и македонското национално малцинство, повикувајќи се на изводите на нивните родители, а не врз слободните изјави на лицата. Ова се практикувало само за македонското и грчкото малцинство во одредени дистрикти на Албанија, со што според Стразбур „претставуваше дискриминација меѓу лицата кои им припаѓаат на различните национални малцинства“.

Албанија има донесено и план за промовирање на регрутирањето на припадници од националните малцинства во силите на редот, како и сенсибилизација на силите на редот на проблематиката со човековите права.

Комитетот на министрите сепак е загрижен што Албанија не донела ниту еден закон кој се однесува на националните малцинства и покрај нејзиното ангажирање во рамките на Националниот план за спроведување на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ.

Овај закон треба да ги појасни прашањата кои се однесуваат на спроведувањето на Рамковната конвенција за заштита на малцинствата, а остануваат нерешени и многу други проблеми како правните рамки за признавање на едно национално малцинство, институционалните рамки за организрањето на дијалог со нивните претставници, користењето на малцинските јазици во односите со администрацијата, топографските индикации, двојазичните натписи, ова посебно во географските зони каде традиционално живеат националните малцинства.

Комитетот забележува дека малцинствата не располагаат со вистински орган кој реално ги претставува, способен да зборува во нивно име и да ги брани нивните интереси, бидејќи членовите на постоечкиот комитет се назначувани од властите.

Извршниот орган на Советот на Европа нагласува дека резултатите од спорниот попис во Албанија, не треба да да претставуваат ексклузивна информација за развојот на законската и политичката рамка која се однесува на малцинствата. Тука има и препораки за одржувањето на идните пописи и другите собирање на податоци со кои истите ќе бидат поверодостојни со ситуацијата на малцинствата во согласност со меѓународните норми, како и утврдување на мерки и инцијативи за заштита и развој на културниот идентитет и јазикот на малцинствата. Потоа пристап и промовирање на радио и телевизиски емисии на јазикот на малцинствата и реален дијалог со организациите кои ги претставуваат малцинствата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.