Совети за новите родители на фејсбук страницата „Здрава бременост“

Фејсбук страницата „Здрава бременост“ отсега со информации и совети и за постпородилниот период.

Со цел поголема достапност на стручни совети и информации за негата на новороденчето, како и сите важни аспекти на постпородилниот период, а со тоа и олеснување на родителската улога, на фејсбук страницата  „Здрава бременост“, креирана од Министерството за здравство, почнувајќи од вчера е достапна брошура со наслов: Информации и совети за новите родители.

Брошурата е изготвена од Заводот за мајки и деца, а печатена од Институтот за јавно здравје во рамки на активностите од Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца. Оваа брошура е достапна и на веб страната на Министерството за здравство, на следниот линк: http://zdravstvo.gov.mk/broshura-so-informacii-i-soveti-za-novite-roditeli/.

Брошурата содржи стручни совети и информации за повеќе аспекти на постпородилниот период, меѓу кои: негата на новороденчето, совети за правилно доење, придобивки од доењето, симптоми кај новороденчето за кои се препорачува да се побара медицинска помош, како и општи препораки за родителите и родителската грижа.

Воедно, почнувајќи од наредната недела на Facebook страната Здрава бременост на поставените прашања во врска со постпородилниот период ќе одговараат доктори од Заводот за мајки и деца, при Здравствен дом Скопје. За терминот во кој докторите ќе одговараат на прашања поврзани со постпородилниот период, заинтересираните ќе бидат навремено информирани на Facebook страната.