Совети за превенција од стомачен вирус

Стомачен вирус е заболување предизвикано од различни типови на ентеровируси. Ова заболување најчесто се појавува кај помладата популација, во текот на целата година, а особено на почетокот на пролетта и летото.

Од Министерството за здравство повикувајќи се на податоците од системот „МојТермин“, соопштуваат дека од почетокот на годинава за дијагнозата дијареа и гастроентеритис се креирани вкупно 3.775 упати и 3.456 рецепти, додека за истата дијагноза во текот на изминатата година се креирани вкупно 15.689 упати и 25.978 рецепти.

Најголем дел од заразените (над 90%) не развиваат никакви симптоми, а кај останатите може да се појави покачена температура, симптоми на настинка, симптоми на гадење, повраќање, дијареа. Во многу ретки случаи стомачните вируси може да предизвикаат и компликации, особено кај лицата со намален имунитет, како што се: мозочни и срцеви заболувања, воспаление на бели дробови и друго.

Стомачниот вирус најчесто се шири при контакт со заболено лице, или индиректно преку загадена вода, храна, предмети (детски играчки, прибор за јадење, и сл.).

За заштита и превенција од ова заболување се препорачува избегнување контакт со заболен, одржување лична хигиена, редовно миење раце, темелно миење на овошјето и зеленчукот пред конзумирање, чистење и дезинфекција на површини, а особено на детските играчки.

Поради можноста за индиректен начин на пренос, потребно е да се избегнува допирање на очи, нос и уста со неизмиени раце, а имајќи предвид дека вирусот почесто се појавува кај малите деца, посебно внимание треба да се обрне на одржување лична хигиена и развивање хигиенски навики кај децата. Исто така, особено е важно редовно миење раце на децата за време на престојот во градинка и училиште.

Лекувањето на стомачниот вирус кај полесните случаи опфаќа симптоматска терапија и конзумирање повеќе течности и витамини за да се спречи дехидрирање, додека кај поизразената клиничка слика потребна е дополнителна терапија по препорака на лекар.

Инаку, со цел информирање на пошироката јавност за превенција од различни заболувања, соопштенијата на Министерството за здравство отсега ќе бидат споделувани на новата Facebook страница ИнфоЗдравје, која е официјална страница на Министерството за здравство, наменета за споделување вести, информации од областа на здравството и совети за превенција.

фото: vecer.mk