Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Центар: Статутот е грубо прекршен за ПОЦ

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ денеска не дозволија претседавачот на Совет на Центар, Мирослав Шиповиќ, да ја стави  како вонредна точката за Програма за работа на Паркинзи на општина Центар.

 Тие сметаат дека на овој начин, незаконски би се донел буџетот на ПОЦ бидејќи нема оправданост за вонредна седница.

Советникот Илија Илијовски уште во средата, на минатата седница, објасни дека со ваквата одлука се крши статутот и деловникот кој предвидува дека “вонредна седница се свикува за решавања на прашања за безбедноста на граѓаните на Центар и за вонредни околности“. Тогаш, Шиповиќ ја прекина седницата  и ја презакажа за денес, што ја стави под прашалник потребата вонредно и итно да се свикува ваква седница.

Илијовски побара оваа точка да се разгледа низ редовна процедура бидејќи за неа ниту една Комисија не била свикана и дека нема оправдување.

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Трпески исто така обвини дека со ваквата одлука се прекршува статутот.

-Ако не ја усвоиме програмата за работа на ПОЦ денес, ниту ќе се загрози безбедноста на граѓаните на Центар, ниту пак оваа состојба е вонредна. Само во такви случаи кога безбедноста е загрозена, а состојбата вонредна, треба да се свика вонредна седница. Оваа точка мора да оди по редовна постапка. А неа, ниту Комисијата за финансии ја нема разгледано, рече Трпески.

Со 11 гласа ЗА од СДСМ и 10 гласа ПРОТИВ од ВМРО-ДПМНЕ, дневниот ред сепак беше усвоен.

По ова, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Центар ја напушти салата за Седници и одби да учествува во гласањето.

Пред овој чекор, тие објаснија дека не гласаат одлука против ПОЦ, што е докажано на минатите седници кога тие гласаа ЗА буџетите и на Паркинзи и на цела општина.

Советниците на СДСМ сами гласаа ЗА и ја усвоија програмата за работа на ПОЦ за 2015-та година.

Градоначалникот Жерновски и советниците на СДСМ, на овој начин сакаа без расправа да го поминат буџетот на ПОЦ каде само за таканаречени “останати трошоци“, имаат предвидено скоро 30 милиони денари, пишува Курир.