Советникот на Николовски патувал со службен налог и во работно време

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, најостро ги осудува и демантира информациите изнесени на поратлот Курир.мк, а во врска со сообраќајната несреќа на лицето Н. Б вработено во кабинетот на МЗШВ.

Лажни и невистинити се информациите дека лицето патувало надвор од работно време, а манипулаторски се прашањата дали лицето имало дозвола за управување со возилото и дали случајот е пријавен во МВР. МЗШВ најодговорно тврди, за што има докази, дека Н.Б. на 09.07.2018 година, понеделник, во работен ден и во работно време, со налог за управување на службено возило „дачија дастер“ потпишан од министерот Љупчо Николовски, беше на работен состанок во Подрачната единица на МЗШВ во Берово. Сообраќајната несреќа се случи непосредно по завршување на работните обврски и на состанок во Подрачната единица Берово, на патот кон Скопје, велат од министерството.

Според МЗШВ, сообраќајната несреќа е евидентирана и во службениот билтен на МВР и објавен на веб страницата на 10.07.2018. „На 09.07.2018 година околу 17,10 часот на регионалниот пат Виница-Берово поточно на мостот на Ленишка река, патничко моторно возило „Дачија Дастер“ со скопски регистерски таблици управувано од Н.Б. (26) од Виница поминало на левата сообраќајна лента, при што возилото се свртело странично и со десната страна удрило во метална ограда од мостот и завршило под мостот. Возачот Н.Б. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен до Клиничката болница во Кочани, од каде поради сериозноста на повредите бил препратен во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот бил извршен од страна на увидна екипа од Полициската станица Берово. Се работи на целосно расчистување на случајот“.

Срамно и недозволиво е несреќен случај да се користи за политички манипулации со јавноста, а човечката несреќа да се употребува за клеветење и за собирање на политички поени.МЗШВ е згорозено од вакви клевети и поигрувања со човечки живот и бара извинување од порталот Курир.мк., велат од МЗШВ.