Свет

Советникот на Путин: Порошенко е нацист!

Советникот на Путин: Порошенко е нацист!

Висок советник на рускиот претседател Владимир Путин, Сергеј Глазјев, го нарекол украинскиот претседател Петро Порошенко нацист во изјава за британскиот Би-Би-Си.

Газјев исто така, намерата на Порошенко денеска во Брисел да го потпише договорот за придружување со Европската Унија го окарактеризирал како незаконит.

„Европа се обидува да ја наведе Украина сосила да го потпише тој договор. Тие организираа воен удар во Украина и помогнаа на власт да дојдат нацисти. Таа нацистичка влада го бомбардира најголемиот регион во Украина“, рекол тој за Би-Би-Си.

На прашање на новинари дали смета дека е Порошенко нацист, советникот на Путин за регионални и економски интеграции одговорил: „Секако.“.

Тој додал: „Мислам дека после потпишувањето на тој споразум меѓу Украина и ЕУ европската јавност ќе биде изненадена кога тој нацистички Франкештајн, кој го создадоа европските бирократи и некои политичари ќе тропне на вратата на европските земји.“

Глазјев го нарекол Порошенко „нелегитимен претседател“, затоашто гласачите во некои делови на Украина не учествувале на претседателските избори одржани во мај.

Порошенко денеска на самитот на ЕУ во Брисел би требало да потпише договор за придружување со Унијата, од што се повлече неговиот претходник Виктор Јанукович, заради што беше симнат од власт во фебруару, потсетил Би-Би-Си.