Советот на ЕУ денеска ќе донесе заклучок за Македонија

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, денеска во рамки на состанокот на Советот за надворешни работи на Унијата ќе носат заклучок и за случувањата во Република Македонија, во однос на терористичкиот напад во Куманово, како и за политичката ситуација во земјата, обајви МИА.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, денешната расправа на Советот на ЕУ ќе биде на иницијатива на Бугарија, чиј шеф на дипломатијата Даниел Митов, се очекува како точка на дневен ред да ја стави македонската ситуација, за што Советот ќе треба да донесе заклучок.
– Европа делува заеднички. В понеделник на Советот за надворешни работи ќе дискутираме за темата Република Македонија и случувањата во оваа земја, што треба да доведе до заедничка единствена позиција на сите министри за надворешни работи на ЕУ-земјите и за мерките што треба да ги превземеме, најави вчера бугарскиот минситер Митов.
            
Инаку, тема на денешниот Совет на ЕУ се воените операции на Унијата, прашања за миграција, мировниот процес на Блискиот Исток, како и асоцијативниот совет меѓу Брисел и Турција. Токму затоа, доколку не стигнат да ги затворат сите теми на дискусија во рамки на предвидената агенда, можно е министрите да расправаат на утрешниот Совет за општи работи (ГАК) на Унијата, каде всушност секогаш се одвиваат дискусиите за Македонија и останатите земји-кандидати за членство во Европската унија.
Ставот што шефовите на дипломатиите на ЕУ, заедно со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата ,Федерика Могерини, денеска ќе го донесат за Македонија, доаѓа еден ден пред утрешниот состанок на македонскиот премиер Никола Груевски и лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев во Стразбур, каде во рамки на пленарната сесија на Европскито парламент, двајцата се очекува да се сретнат со еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, а можна е и средба со тројката европратеници Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан, кои посредуваат меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе два месеца, а со цел надминување на политичката ситуација во Македонија