Советот на ЕУ ги повика политичките лидери на брзо решавање на проблемите

Balkan EU

Советот за општи работи на ЕУ изразува длабока загриженост за влошената состојба во земјава „посебно во областа на владеење на правото, основните права и слободата на медиумите, како темелни демократски вредности во срцето на политиката за проширување на ЕУ“, а „во интерес на граѓаните, демократијата, владеењето на правото и политичката стабилност, Советот ги повикува политичките лидери на брзо решавање на проблемите”. Ова е дел од заклучоците на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, кои во рамки на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ денеска во Луксембург првпат донесоа заклучок во однос на политичката состојба во Република Македонија, јави дописникот на МИА од Брисел.

Министрите ги повикуваат сите страни да преземат итни мерки кон одржлива состојба, конструктивна посветеност за рестартирање на политичкиот дијалог и враќање на довербата во институциите со преземање адекватни политички чекори.

– Сите обвинувања треба да се истражат од надлежните органи, вклучително и наводите за потенцијални злоупотреби објавени јавно, со целосно почитување на соодветниот процес, принципот на независност и пресумпцијата на невиност – се наведува во заклучокот на Советот на ЕУ за Македонија.

Советот го поздравува медијаторството на членовите на Европскиот парламент во разговорите меѓу главната владејачка и опозициска партија и ги повикува двете страни „да покажат воздржаност и да се фокусираат во пронаоѓање решение на сегашната политичка криза што е можно побрзо”.