Советот на ЕУ ја одложи расправата за Македонија

Советот за надворешни работи на Европската унија вечерва не расправаше за состојбата во Република Македонија и покрај барањето на Велика Британија и Германија ова прашање да се најде под точката „Разно“ на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, унгарскиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто, по завршувањето на денешниот Совет на Унијата во изјава за МИА потврди дека дискусијата за Македонија е одложена за 20-ти јуни поради тоа што оние што барале да се дискутира, Германија и Велика Британија, не биле присутни на крајот на состанокот преку своите министри. Поради тоа високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини ја одложила дискусијата за македонските случувања.

– Прашањето за Македонија не беше на агендата, бидејќи Могерини рече дека министрите што побараа оваа точка да биде на агендата не се присутни во моментот. Затоа оваа дискусија ја одложивме за следниот состанок, рече Високата претставничка. Секретарот за надворешни работи на Британија, Фил Хамонд беше тука, но замина и не беше присутен кога требаше да се разговара за последната точка „Разно“ на агендата. А, Германија ја претставуваше државниот министер Михаел Рот. Затоа Могерини побара за одложување на оваа точка од агендата за 20. јуни, односно за еден месец од сега, потенцираше Сијарто во изјава за МИА.

И покрај тоа што дискусијата за политичката криза во Македонија беше одложена на денешниот Совет на ЕУ, унгарскиот министер за надворешни работи, сепак, го повтори цврстиот став кој неговата држава како земја-членка на Унијата го има во однос на слушувањата во Република Македонија.

– Мојата аргументација за Македонија лежи на истите принципи како и за Полска, а тоа е почит. Македонскиот народ донесе одлука. Сегашната владејачка партија победи на четири избори по ред во Македонија. Тие не ја освоија власта на лотарија, туку на парламентарни избори. Ние секогаш, секогаш сме против мешање на Европската унија во внатрешниот политички живот на Македонија. Секогаш! Никогаш не сум видел некоја друга земја на светот каде партијата што е целосно против предвремени избори е опозициската партија. Тоа е многу чудна ситуација. Владејачката партија е пдоготвена да организира предвремени избори, за што има мандат, но водечката опозициска партија е против и тоа е навистина чудна ситуација, истакна Сијарто.

На крајот во неговата изјава, Петер Сијарто порача дека Унгарија „оддава почит на постигнувањето на сегашната владејачка партија во Македонија кога станува збор за НАТО и ЕУ интеграцискиот процес“.

Според него, тажно е што понатамошниот прогрес на Македонија во ЕУ и НАТО е успорен неодамна и тоа „не по вина на земјата“.