Советот на ЕУ ќе расправа за состојбата во Македонија како главна точка на 20. јуни

Советот за надворешни работи на Европската унија ја закажа за 20. јуни својата последна седница пред Самитот на Европскиот совет на која расправата за состојбата во Република Македонија е ставена како главна точка, а не под точка „разно“ како што беше претходно планирано. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата, по предлог на Сојузна Република Германија и Велика Британија ќе расправаат и дадат препорака во вид на заклучок за ситуацијата во Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУ.

Вчера и официјално е одложен Самитот на Европскиот совет, кој наместо во четврток и петок (23 и 24 јуни) како и секогаш, овојпат ќе се одржи на 28 и 29 јуни (вторник и среда) во Брисел, поради тоа што идната недела се одржува референдумот за излез на Обединетото Кралство од Европската унија, па шефовите на држави и влади на ЕУ-земјите ќе го чекаат исходот од него пред да се сретнат. Но, и покрај ова одложување, холандското претседатество со Унијата одлучи Советот за надворешни работи да не биде два дена пред Самитот на ЕС, како што е секогаш случај, па го закажа за понеделник (20. јуни) во Луксембург, како што беше и одамна планирано.

Инаку, шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ ќе расправаат за Македонија како централна точка на Советот, покрај дискусијата за мировниот процес на Блискиот Исток, состојбата во Сахел, интегрираната ЕУ-политика за Арктикот и тренинг-мисијата за безбедносните сили во Либија.

Претходно најавуваната можност за воведување на некаков вид на санкции кон поединци во Македонија поради политичката криза е целосно отфрлена, бидејќи за такво нешто е потребна едногласност кај сите земји-членки на Унијата, а таа не постои поради противење на Грција, Унгарија, Полска, Словенија и Хрватска на какво било санкционирање во однос на состојбите во македонската држава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.