Советот на ЕУ ќе расправа за состојбата во Македонија

Советот за надворешни работи на Европската унија утринава на својата последна седница пред Самитот на Европскиот совет како главна точка на дневен ред ќе расправа за состојбата во Република Македонија, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата, по предлог на Сојузна Република Германија и Велика Британија ќе расправаат и дадат необврзувачка препорака за ситуацијата во Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУ во однос на политичката криза во земјата.

Откако и официјално е одложен Самитот на Европскиот Совет, кој наместо во четврток и петок (23 и 24 јуни) како и секогаш, овојпат ќе се одржи на 28 и 29 јуни (вторник и среда) во Брисел, поради тоа што неделава се одржува референдумот за излез на Обединетото Кралство од Европската унија, па шефовите на државите и владите на ЕУ-земјите ќе го чекаат исходот пред да се сретнат. Холандското претседателство со Унијата одлучи Советот за надворешни работи да не биде два дена пред Самитот на ЕС, како што е секогаш случај и за денеска го закажа својот состанок во Луксембург.

Македонија – Централна точка на Советот

Шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ ќе расправаат за Македонија како централна точка на Советот, покрај дискусијата за мировниот процес на Блискиот Исток, состојбата во Сахел, интегрираната ЕУ-политика за Арктикот и тренинг-мисијата за безбедносните сили во Либија. Дискусиите за случувањата во македонската држава се очекува да завршат до пладне, по што Советот за надворешни работи на ЕУ предводен од високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, ќе излезе со став, односно мислење за случувањата во Македонија.

Претходно најавуваната можност за воведување на некаков вид на санкции кон поединци во Македонија поради политичката криза е целосно отфрлена, бидејќи за такво нешто е потребна едногласност кај сите земји-членки на Унијата, а истата не постои поради противење на Грција, Унгарија, Полска, Словенија и Хрватска на какво било санкционирање во однос на состојбите во македонската држава.