Советот на ЕУ утре ќе донесе заклучоци за политичката состојба во Македонија

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, утре во рамки на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ, по првпат ќе донесат заклучок и во однос на политичката состојба во Република Македонија, јавува МИА.
Според документот со предлог-заклучоци што е донесен на последниот состанок на амбасадорите на ЕУ-земјите во рамки на КОРЕПЕР-групата, а што ексклузивно го објавува МИА, во заклучоците за Македонија има четири параграфи, сите по предлог на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) и се однесуваат на политичката криза во земјата.
Во првиот параграф, шефовите на европските дипломатии се очекува да ја повторат посветеноста на Унијата во рамки на Солунската агенда, како и на заклучокот на Самитот на Европскиот совет од 16-ти декември, минатата година и на потврдување на кандидатскиот статус на Македонија. Сепак, според предлогот на службата на Федерика Могерини, ЕУ  исто така, ќе изрази „длабока загриженост за влошената состојба во земјата, посебно во областа на владеење на правото, основните права и слободата на медиумите, како темелни демократски вредности кои се во срцето на политиката за проширување на ЕУ.
Во вториот параграф за Македонија, утрешниот Совет на ЕУ, според предлогот на ЕЕАС, треба да усвои дека „Советот ги повикува сите страни да превземат итни мерки кон одржлива состојба, да го рестартираат политичкиот дијалог и довербата во институциите, како и да ја истражат содржината на обвинувањата со целосно почитување на потребните процеси.
– Одговорноста за ова лежи кај политичките лидери на земјата, гласи поентата во овој заклуок на Советот на ЕУ за Македонија.
Понатаму, според предлогот на Европската дипломатска служба, Советот на Унијата во третиот параграф за Македонија треба да го поздрави медијаторството на членовите на Европскиот парламент во разговорите меѓу главната владејачка и опозициска партија и да ги повика двете страни да покажат воздржаност и да се фокусираат во пронаоѓањето на решение на сегашната политичка криза.
            
– Реафирмирајќи ја потребата за продолжена посветеност на ЕУ и поканувајќи ги институциите на Унијата да известуваат редовно за прогресот на земјата во евроинтеграцискиот процес, вклучително и на гореспоменатите прашања, Советот останува вклучен во ова прашање и ќе се наврати на истото пред летото, се наведува во четвртиот и последен параграф од предлог-заклучокот на Советот на ЕУ за Македонија.
           
Во последен момент се можни измени и дополнувања на овие предлог-заклучоци и на утрешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ-земјите, поради иницијативата на Грција, Германија, Кипар и Бугарија за вметнување на поостра реторика. Сепак, 15 земји-членки на ЕУ и институциите на Унијата во Брисел стојат цврсто на ставот дека е потребно да не се заострува реториката и затоа се смета дека гореспоменатите предлог-заклучоци на Европската служба за надворешни работи на Могерини е најверојатно дека како такви ќе поминат.