Советот на Европа е загрижен за односот на Грција кон Ромите и имигрантите

Советот на Европа смета дека ксенофобијата, дискриминацијата, расизмот и говорот на омразата против имигрантите и Ромите во Грција се на загрижувачко ниво и ги повика грчките власти да се соочат со овие појави, пишува весникот „Вима“, објави МИА.

Во извештајот на СЕ се наведува дека со појавата на неонацистичката партија „Златна зора“ во Грција драстично се зголемило насилството врз расна основа изминатите години, што довело до атмосфера на омраза и страв, против што одамна не се преземени соодветни мерки.

Во документот се нагласува дека говорот на омраза често пати останува неказнет од властите и оти официјалната осуда не е доволна.

СЕ ја повика Атина да изработи комплексна национална стратегија за борба против расизмот и нетолерантноста.

Советот ја осудува дискримацијата на хомосексуалците, лезбејките и транссексуалците, кои станале жртви на насилство, без да им биде пружена соодветна заштита.