Советот на Европа ја проверува Црна Гора поради поголемиот број на машки деца

Советот на Европа (СЕ) побара од Црна Гора податоци за абортусите, бидејќи релевантните светски организации се посомневале дека има висока несразмерност во бројот на новородени машки и женски деца, што во таа држава може да биде последица на уништување на женските фетуси.

Статистиката покажува дека во Црна Гора се раѓаат 100 девојчиња на 110 момчиња, додека природниот просек е 100 спрема 102 до 104.

Тоа, поединечни меѓународни организации ги наведе да се посомневаат дека станува збор за злоупотреба на современите медицински методи за рано утврдување на полот и селективен абортус на женски фетуси. Помошникот на министерот за здравство на Црна Гора, Менсуд Грбовиќ изјави дека Советот на Европа побарал податоци од таа држава поради пореметени односи на половите кај новородените деца.

„Точно е дека СЕ побара информација од Црна Гора за пренатален избор на пол, бидејќи истражувањата на популациониот фонд на ОН покажале дека во некои европски земји се врши пренатална селекција на полот на фетусот во корист на машката популација. Според тоа истражување, Црна Гора заедно со Албанија, Азербејџан и Ерменија е земја со најголем дизбаланс меѓу децата од машки и жеснки пол, “ изјави Грбовиќ за Радио Слободна Европа.

Тој додаде дека СЕ побара од Црна Гора да преземе конкретни мерки во сузбивање на ова пореметување.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.