Советот на јавни обвинители нема да и’ ги предаде на Јанева случаите „Маѓар Телеком“ и „Верушевски“

Советот на јавни обвинители нема да и ги предаде предметите „Маѓар Телеком“ и „Верушевски“, на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Јанева денеска, по пресконференцијата во СЈО, се појави на седницата на Советот и образложи за нејзината законска обврска во однос на овие предмети.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски по завршувањето на седницата изјави дека предметите „Маѓар Телеком“ и „Верушевски“ нема да му бидат предадени на СЈО, затоа што, според него, предметите се веќе во постапка на Основното јавно обвинителство и во Обвинителството за гонеење организиран криминал.

Тој изјави дека никој не и оспорува на Јанева да отвори нови истраги, но, подвлече, СЈО е надлежно само за предмети согласно Законот  за Јавно обивнителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите  од 2008 до 15.јуни 2015 година.

Таа е овластена да гони само такви дела и тоа од 2008-мата година до 15-ти јуни 2015-тата година. Ништо надвор од нејзината надлежност. Затоа беше повикана. Многу непријатно бевме изненадени кога дојде на седницата иако доцнеше три часа и рече дека нема да соработува со Советот, несака да одговара на прашања, нема да одговори на ниту едно наше прашање, рече Аневска.

Аневски информира дека Јанева го известила Советот дека во иднина нема да доаѓа на седници и со тоа, како што оцени, покажала непочитување и го омаловажила Советот за јавни обвинители пред кого има обврска да одговара.

Откако таа си замина одлучивме со 7 гласа ЗА дека за постапување и во иднина ќе бидат надлежни Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Скопје. Значи, сите предмети кои што се кај нас, ќе бидат вратени во овие обвинителства, рече Аневски.

Претходно, специјалната обвинителка Јанева информира дека им образложила на обвинителите во Советот оти законска обврска на СЈО е да ги преземе случаите „Маѓар Телеком“ и „Верушевски“. Таа нагласи дека има своја автономија и, како што потенцира, нема обврска да се појавува на седници на Советот, ниту пак да го образложува извештајот за работењето.

Бев повикана од Советот на јавни обвинители, по мое барање беше презакажана во 13 часот. Беше во однос на преземањето во надлежност на предметите „Маѓар Телеком“ и за Горан Верушевски и Зоран Верушевски. Како што реков и го известив Советот, дека јас постапувам согласно Законот за СЈО и дека немам обврска да присуствувам на нивните седници, ниту да образлагам зошто ги преземам овие предмети. Во однос на надлежностите и автономијата на моето постапување е јасно со Законот за СЈО. Тоа е се што можам да го кажам. Си продолжија со седница без мое присуство, изјави Јанева.