Советот на обвинители избра 7 од предложените 14 помошници на Јанева

Советот на јавни обвинители на денешната седница избра седум од 14-те кандидати предложени од специјалната обвинителка Катица Јанева за нејзини помошници, пишува МИА.

Претседателот на Советот Петар Аневски по седницата изјави дека одлуката да бидат избрани само седум помошници на Јанева е донесена врз основа на проценката за обемот на работа што ќе ја има Специјалното обвинителство. Советот не ја исклучува можноста да се зголеми тимот на Јанева ако се зголеми обемот на работа

Специјалната обвинителка Катица Јанева која присуствувала на почетокот и на крајот на седницата, рече дека иако тимот што го прелоджи е преполовен, ќе работи со помошниците кои се избрани. Вели дека ќе инсистира да бидат избрани сите кандидати што ги предложи.

Според Јанева, со денешната одлука на Советот на јавни обвинители е прекршен Законот за Специјално обвинителство

Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, пак, по седницата изјави дека ќе биде поднесена иницијатива за оценување на уставноста на Законот за Специјално обвинителство.