Советот за безбедност на ОН загрижен поради Ерусалим, а САД порачаа дека остануваат ангажирани

Обединетите нации се загрижени поради опасноста од ескалација на насилствата по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја спроведе уредбата којашто пред речиси две децении ја изгласа Конгресот а ја избегнуваа неговите претходници и да го признае Ерусалим за престолнина на Израел, соопшти во петокот во Советот за безбедност на светската организација специјалниот координатор за мировниот процес на Блискиот исток, а Вашингтон порача дека останува ангажиран во овој процес.

„Од 6-ти до 8-ми декември најавени се три ткн Денови на гневот“, изјави специјалниот координатор на ОН за мировниот процес на Блискиот исток, бугарскиот дипломат Николај Младенов, обраќајќи им се преку видео врска од Ерусалим на учесниците на итниот состанок на Советот за безбедност свикан на барање на осум членки по американската одлука.

„Ваквата одлука носи опасност од верски радикализам. Ерусалим е најсложеното прашање коешто треба да се реши во израелско-палестинскиот суд“, рече Младенов и го спомена градот како симбол на христијанската, еврејската и муслиманската вера.

„Само со преговори на двете страни може да се одреди неговата иднина“, инсистира Младенов и ги повика светските челници да бидат мудри и да го вратат мирот во регионот.

Итниот состанок на Советот за безбедност при ОН, го побараа Шведска (која инаку ја има признаено државата Палестина), Франција, Италија, Велика Британија, Боливија, Уругвај, Египет и Сенегал.

Американската амбасадорка во ОН, Нику Хејли, тврди дека САД „остануваат ангажирани во мировниот процес“ и ги отфрли „прекорите и лекциите“.

„Разбирам дека промената ќе биде тешка за другите членки на меѓународната заедница, Целта на нашите акции е да се напредува кон постигнувањето мир. Сакаме да постигнеме договор со преговори“, рече Хејли и додаде дека претседателот Трамп „не носел ставови за раниците“ и истакна дека „статус кво за светите места (во Ерусалим) е зачуван“.

Неколку земји сметаат дека американската одлука го крши резолуциите на ОН. Станува збор за кршење на меѓународните закони, истакна египетскиот амбасадор Амр Абулата споменувајчи го терминот „окупиран град“.

Неговиот шведски колега Олоф Скоог ја спомена резолуцијата 2334 усвоена на 23-ти декември 2016 година кога истакнува дека Советот за безбедност нема да признае никакви промени на границите од 4-ти јуни 1967 година, вклучително и статусот на Ерусалим, освен оние кои двете страни ги договориле во преговорите.

Оваа резолуција ха потврдија 14 земји, а САД беа воздржани и не вложија правото на вето, што го овозможи усвојувањето на текстот. Тоа беше дополнителна искра која го предизвика гневот на Израел кон администрацијата на претходниот американски претседател Барак Обама кој имаше без преседан во историјата лоши односи со израелските челници, и се создаде личен анимозитет меѓу него и тогашниот и сегашен израелски премиер Бенјамин Нетанјаху, по низата скандали.

„Дојде часот за напредување кон деталниот мировен договор“, побара шведскиот дипломат.

Одликата на Трамп, којашто ќе се оствари за неколку години, предизвика гнев во арапскиот и муслиманскиот свет и општи осуди на партнерите на САД.