Советот за стабилизација и асоцијација на ЕУ побара почеток на преговори со Макеоднија

Единаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Република Македонија, кој се одржа денеска во Европскиот совет во Брисел, донесе нова препорака за земјата да ги започне преговорите за членство во Унијата, како и да влезе во втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, на денешниот состанок со кој претседаваше потсекретарот во италијанското Министерство за надворешни работи, Бенедето Дела Ведова, заедно со еврокомесарот за проширување Штефан Филе, македонската Влада ја претставуваа вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, шефот на дипломатијата Никола Попоски и државниот секретар за евроинтеграции Јован Андоновски.

Во соопштението лиферувано по состанокот на Советот, се вели дека “Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) останува суштина на односите меѓу ЕУ и Република Македонија до пристапување на земјата кон Унијата”.

Овој договор, всушност е договорна рамка во која ЕУ и земјата соработуваат и ги преземат акциите во развојот на настаните во нивната врска, па затоа се вели дека “Советот за СА ја зема предвид главната цел на земјата да ги отвори преговорите за пристапување, потврдувајќи ја нејзината силна посветеност на таа цел, водејќи сметка на препораките на Европската Комисија во таа насока”. Притоа, исто така, Советот за СА ги разгледа клучните настани од претходниот период кои се однесуваат на исполнувањето на политичките критериуми, како и на позицијата на земјата во однос на економските критериуми, финансиската соработка и имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Беше укажано на резултатите од Комитетот за стабилизација и асоцијација одржан на 11 јуни.

Во однос на економските случувања, Советот за СА призна дека економијата почнала да се опоравува минатата година, дека макро-финансиската стабилност се одржува и дека инфлацијата останала бенигна.

Советот го поздрави договорот постигнат со Владата за приоритетите на иднииот Инструмент за претпристапна помош (ИПА) за стратегијата на земјата за периодот 2014-2020.

– Советот го истакнува добриот напредок постигнат во различни области опфатени со Договорот за стабилизација и асоцијација и високиот степен на трговска интеграција. Потсетуваме на предлогот на Комисијата во октомври 2009 година за премин во втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и одлуката за тоа останува со Советот.

asocijacija500

Во однос на економските случувања, Советот признава дека економијата почнала да се опоравува минатата година, дека макро-финансиската стабилност се одржува, и дека инфлацијата и животната средина останаа бенигни, се наведува во соопштението.

Советот го поздрави договорот постигнат со Владата на приоритетите за иднина (Инструмент за претпристапна помош) од ИПА за стратегија на земјата и го истакна добриот напредок постигнат во различни области опфатени со Договорот за стабилизација и асоцијација.

На прес-конференција по состанокот, отсуствуваше комесарот Филе, кого го замени директорката во Директоратот за проширување, Александра Кас-Грање. Таа истакна дека денешниот состанок бил добра можност за преглед на прогресот во пристапниот процес во изминатите 10 години од имплементација на Договорот.

– Дискутиравме и за критериумите што треба да се исполнат. Го поздравивме формирањето на коалициската Влада и презентацијата на програмата. Но, исто така повикуваме на конструктивен политички дијалог и посветеност на сите политички актери во земјата за предизвиците. Тоа ги вклучува меѓуетничките односи, со оглед на тоа што инцидентите последниве недели покажааа потреба од проактивност во обезбедувањето на мерки за доверба меѓу заедниците и целосна имплементација на Рамковниот договор, посочи Кас-Грање.

Според директорката во Генералниот директорат за проширување, постојат и бројни други прашања за кои во Еврокомисијата постои загриженост, а биле нотирани во последнио прогрес-извештај. Тоа според неа е потребата од прогрес во слободата на изразувањето, а постои и загриженост од климата во медиумите и медиумската култура во земјата.

– Независност на судството и квалитетот на судството, за граѓаните да имаат доверба во целиот систем. А, постојат и многу други структурни мерки за адресирање на други предизвици, посочи Кас-Грање.

Според Бенедето Дела Ведова од Италијанското претседателство со Унијата, овој состанок бил потврда на силната и блиска соработка меѓу ЕУ и Македонија и дека се гледа напред кон заедничките политички аспекти на односите и пред се во делот на техничките аспекти од Договорот за стабилизација и асоцијација.

– ЕУ дава поддршка за целосна имплементација на Охридскиот договор, очекуваме адресирање на важноста од градење на политички мостови во Парламентот, градење на односи со граѓанските општества и претставниците на медиумите, етничките и сите други различни групи во земјата. Односите со соседите во регионот, исто така, се многу важни, рече потсекретарот во италијанското МНР.

Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, пак, рече дека Македонија веќе 11-та година како успешно го спороведува ДСА со значајни реузлтати во овој период, но и со големи очекувања за следниот период од аспект на очекувањата во земјата.

Попоски ја нагласи одлучноста за продолжување со реформите, особено во делот на областите опфатени со Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), вклучително реформи во администрацијата, медиумската култура, изборното законодавство, добрососеството итн. Според него, факт е дека во сегашната клима кон проширувањето на ЕУ ќе биде потребен овој период да се посвети најголем дел од силите и енергијата на реформи и дека Македонија е одлучна да продолжи на тој пат.

– Од друга страна, мора да поработиме на подобрување на климата во ЕУ и адресирање на некои извори за загриженост од тој проце, особено што Македонија 10 години беспрекорно го спроведува Договорот за стабилизација, а истиот предвидува две фази и според тоа денеска треба да сме во завршна фаза на интегрирање во ЕУ. Воедно, да работиме и на препреките кон приклучување на регионални проекти, како што е Јадранско-јонската иницијатива и тенденции за прекршување на правните обврски со именување на јазиците, ознаките и другите значајни аспекти за почитување на правото, во контекст на евроинтеграциите, посочи Попоски.

Според македонскиот министер за надворешни работи, она што може да биде подобрено во делот на ЕУ во носењето на одлуки е партнерски отворен пристап и тоа главен фактор кој ќе одлучи кога ЕУ ќе биде подготвена за проширување.

– Македонија е подготвена да стане дел од тоа семејство. Имаме надеж дека Италијанското претседателство со ЕУ ќе се посвети на интеграцијата во Унијата на земјите од Западен Балкан, рече Попоски.

Вицепремиерот Бесими повтори дека Македонија е подготврена за напредок во евроинтеграциите и дека во текот на оваа година се предвидени селектирани приоритети кои земјата катадневно ги исполнува.

– Има уште работа за исполнување, како реформи во однос на процесот на европска интеграција, како во однос на реформите во судство, довербата во институциите, фундаменталните права, меѓуетничките односи, како важен аспект на мултиетничкото општество, добрососедските односи. Ние сме подготвени да станеме членка на ЕУ и за таа цел се справуваме со сите предизвици, истакна Бесими.

Италијанскиот потсекретар, додаде дека Италијанското претседателство со ЕУ ја потврдува посветеноста да работи да ја донесе Македонија поблиску до Унијата.

– Гледаме на сите прашања што ќе се дискутираат и мислам дека на конструктивен начин ќе ги идентификуваме проблемите кои треба да се допрат, рече тој, посочувајќи дека Владата на Македонија истканала дека е подготвена да ја забрза акцијата во однос на домашните прашања, почнувајќи со политичкиот дијалог.

Македонскиот вицепремиер, како и министерот за евроинтеграции, во еден глас посочија дека не се чувствуваат навредени што Филе не ги удостои да одржи заедничка прес-конференција со нив. Но, затоа, шефот на македонската дипломатија рече дека нема сомнеж оти нешто не е во ред со процесот на носење на одлука за Македонија да почне со преговори, како и дека единствен начин за овој најсупешен мировен проект наречен ЕУ да успее “е со одвојување на билатералните прашања и процесот на интеграции според правилата и вредности”.

 – Дијагнозата ја делиме сите и во однос на мерките кои треба да се превземат, а тоа прашање треба да го решат земјите-членки во ЕУ кои имаат удел во носењето на одлуките во Европскиот совет. Ние во периодов ќе гледаме да ги исполниме критериумите за членство, за тоа што сега не е во ред да се исправи, за да можеме да станеме дел од ЕУ, посочи министерот Попоски.

Со оглед на летните одмори, следно што Македонија го очекува од Унијата е прогрес-извештајот на Европската комисија во октомври, за кој и покрај многуте забелешки, речиси сигурно се очекува да содржи шеста едноподруго позитивна препорака за отворање на пристапните преговори.