Балкан

Рахој нема да седи на иста маса со Харадинај во Софија Шпанија не стави вето на декларацијата за Западен Балкан

Шпанија не стави вето на декларацијата за Западен Балкан

Нацрт-декларацијата за Западен Балкан, која треба да биде објавена на престојниот самит на ЕУ во Софија е испратена до земјите од регионот, откако Шпанија попушти и се откажа од ветото поради Косово, дознава „Танјуг“.

Според Геновева Червенакова, портпаролката на постојаното претставништво на Бугарија во ЕУ, амбасадорите, вклучително и на Шпанија, го одобриле нацртот на декларацијата. Текстот сега им е испратен на земјите од Западниот Балкан на консултации.

Шпански „Ел паис“ претходно денес објави, повикувајќи се на неименувани извори, дека Шпанија ставила вето на документот, бидејќи, како што наведе, премиерот Маројано Рахој не сака неговиот потпис да биде на декларацијата заедно со потписот на претседателот на Косово, кое Шпанија не го признава.

Дипломатски извори од Брисел наведуваат дека, поради противењето на Рахој неговиот потпис да се најде на декларацијата заедно со потписот на претставникот на Косово, дошло до компромисно решение декларацијата да биде усвоена само од страна на 28-те земји членки, а не во формат 28+6, со партнерите од Западниот Балкан.

Сепак, според „ЕЛ паис“, Рахој своето учество на самитот го условил со целосно маргинализирање на претставникот на Косово, на кого на самитот не би требало да му биде дозволено да добие збор ниту да седи на истата маса со лидерите на ЕУ и Западниот Балкан.
Рахој најверојатно ќе ја напушти Софија и самитот пред да почне состанокот на кој ќе присуствуваат највисоките претставници на Србија, Црна Гора, Албанија, Македонија, БиХ и Косово. Шпанскиот премиер така ќе биде присутен во Софија само ден порано, во текот на работната вечера заедно со останатите лидери на земјите членки на ЕУ.

Според Танјуг, во нацртот на софиската декларација не се спомнуваат „држави“ од Западниот Балкан, туку се зборува за партнери, што е уште еден чекор кон компромис со земјите од ЕУ кои не ја признаваат независноста на Косово.

Првиот дел од декларацијата се однесува на поддршката на европската перспектива на регионот, додека анексот на политичкиот дел на текстот се однесува на поврзаноста и на регионот меѓусебно, и на Западниот Балкан со ЕУ.

Постојат три дела на анексот- првиот кој се однесува на владеењето на правото, вториот на безбедноста, емиграциите и борбата против тероризмот, и третиот, најважен за граѓаните на Западниот Балкан, зборува за инфраструктурната, енергетска и дигитална поврзаност, изјави министерката на Бугарија за претседавање со Советот на ЕУ, Лилјана Павлова.