Шпанија остана без селектор

Челниците на Фудбалската федерација на Шпанија му врачија отказ на Хулен Лопетеги (51) еден ден пред почетокот на Светското првенство, поради тајните преговори со „Реал“ Мадрид за кои потпиша тригодишен договор.

На вонредната прес-конференција не беше присутен тренерот, туку во негово име зборуваше Луис Рубиалес, првиот човек на шпанскиот фудбал, кој допатува во Русија и истакна дека федерацијата дознала за трансферот на тренерот пет минути пред официјализацијата.

Знам дека ова е тешка ситуација и дека ќе бидеме критикувани. Ние многу го почитуваме Хулен, но не смееше така да го направи тоа на два, три дена пред почетокот на Светското првенство, изјави Рубијалес, без да каже кој ќе биде нов селектор.

Првично, прес-конференцијата беше закажана од 10.30, но се помести за 11.30 часот. Од Шпанија велат дека причина за тоа е бунт на фудбалерите, кои предводени од капитенот Серхио Рамос побарале Лопетеги да остане.

Ова не е клуб, туку репрезентација и тренерот не смее да се менува на два дена пред Светското првенство. Дојдовме овде по титула. Не боли веста дека Лопетеги ќе си замине, а ако тебе тоа те навреди, проголтај ја честа и остави не да играме, му рекол Рамос на Рубиалес.

Светското првенство почнува утре, а Шпанија веќе в петок го игра својот прв натпревар против Португалија.