Шпанија се квалификуваше на Мундијалот, Србија ја пропушти првата шанса

Во средбата од 9-то коло од Групата Г од европските квалификации за светското првенство во 2018 година во Русија, во групата во којашто настапува и селекцијата на Македонија, Шпанија во Аликанте ја совлада Албанија со 3:0 и се квалификуваше за Мундијалот.

На „фуријата“ ѝ помогна Македонија која со храбрата игра им ги одзема планираните три бода на „аѕурите“, па Шпанија во пресрет на последното коло има пет недостижни бодови предност на првото место.

Шпанија прашањето на победникот го реши веќе по половина час игра, кога беа постигнати трите гола, а стрелци беа Родриго во 16, Иско во 24 и Тиако Алтанкара во 27 минута. За Шпанија настапи и Жерар Пике кој се најде на удар на навивачите откако гласаше на референдумот за независност на неговата родна Каталонија.

Во вториот натпревар во петокот вечерта, Италија и Македонија одиграа 1:1. Џорџо Кјелини ги доведе домашните во водство во 40 минута, а изедначи Александар Трајковски во 77 минута.

Израел на гостувањето во Лихтенштајн славеше со 1:0, а голот го постигна Тиби во 21 минута.

Шпанија води на табелата со 25 бодови, Италија е втора со 20, Албанија има 13, Израел 12, а Македонија по неколкуте несреќно загубени бодови има 8 и во следното коло игра со Лихтенштајн кој е без бодови.

Во Групата Д Србија загуби на гостувањето кај Австрија со 2:3 и ја пропушти шансата со победа во Виена директно да се пласира во Русија, па одлуката во оваа група ќе падне во последното коло.

Гостите поведоа во 11 минута преку Лука Милојевиќ, изедначи Гвидо Бургшталер во 2 минута, а целосен пресврт во 75 минута кога погоди Марко Арнаутовиќ за Австрија. Немања Матиќ во 83 минута погоди за изедначување на 2:2, но решавачкиот гол во 89 минута го постигна во 89 минута.

Поразот на Србија го искористија Велс и Ирска кои победија и останаа во игра. Велс на гостувањето во Грузија без најдобриот играч Герет Бејл победи со 1:0, а победничкито гол го постигна Том Лоренс во 49 минута. Ирска пред својата публика ја совлада Молдавија со 2:0, а двоен стрелец беше Дарил Марфи, во 2, и 19 минута.

На табелата води Србија со 18 бодови, Велс има 17, а Ирска 16 бодови. Австрија има 12, Грузија 5 а Молдавија 2. Во последното коло Србија во Белград против Грузија ќе ја бара неопходната победа за директно да се пласира за шампионатот, додека во Кардиф ќе се одигра дербито меѓу Велс и Ирска.

Во групата И, Финска ја шокираше домашната Хрватска со голот на Соири во 90 минута, откако Марио Манџукиќ погоди во 57 минута. Хрватите без овие два бода најверојатно во последното коло ќе се борат со Украина за дополнителни квалификации како второпласирана екипа во групата.

Во другите два меча од оваа група Исланд како гостин ја совлада Турција со 3:0, со головите на Гудминдсон во 32, Бјарнасон во 39 и Арнасон во 50 минута со што ја исфрли од сите комбинации за пласман на светското првенство. Косово, пак, пред своите навивачи беше поразено од Украина со автоголот на Паќарада во 60 минута, а Јармоленко во 87 минута ги постави конечните 0:2.

Прв на табелата е Исланд со 19 бодови и имајќи предвид дека во последното коло го пречекува последнопалсираното Косово со 1 бод е најверојатен директен патник за Русија. Хрватска на второто и Украина на третото место се со по 17 бодови и директно во Киев ќе одлучуваат за дополнителните квалификации, со тоа што на „коцкестите“ име е потребен и нерешен резултат поради подобрата гол-разлика. Турција е четврта со 14 бодови, а Финска е петта со 8 бодови.