Спанкото Јежина: Се успал и го пропуштил летот за Лондон

Летот бил закажан за утринава во десет часот, а на аеродромот Плесо во Загреб се појавиле сите фудбалери освен Јежина.

Првата казна за него е тоа што мора за Лондон да отпатува во своја режија, а утрешниот меч ќе го изгледа од трибините бидејќи на негово место, втор голман ќе биде Марко Микулиќ.

Со овој гаф, Јежина веројатно ги загуби и шансите да стане стандарден првотимец иако против Олимпијакос во Загреб доби шанса од тренерот Зоран Мамиќ. Утре на голот се враќа Едуардо кој веројатно и во иднина ќе остане меѓу стативите.

Ова е само уште една слика за моменталната ситуација во која се наоѓа најтрофејниот хрватски клуб.

Првиот човек е во затвор, нашиот Адеми неодамна доби четиригодишна суспензија поради допинг, а по подолго време, Динамо не е лидер на првенствената табела во ХНЛ.