Шпанската полиција започна да дејствува, упаѓа на избирачките места на каталонскиот референдум

© AP Photo / Emilio Morenatti

Шпанската полиција започна во неделата со запленување на гласачките кутии и избирачките ливчиња од избирачките места во покраината Каталонија, а шпанската интервентна полиција упаднала на избирачките места кусо пред почетокот на најавеното гласање на каталонскиот претседател Карлес Пуждемон на референдумот за независност, кој централната влада во Мадрид го прогласи за нелегален.

Каталонските власти еден час по времето одредено за почетокот на референдумот за независност на покраината објавија дека се отворени повече од 70 отсто од предвидените избирачки места.

Полицијата со секири ги скршила прозорците на спортскиот центар во покраината Гирона, во која е организирано избирачко место на коешто каталонскиот претседател Карлес Пуждемон требаше да гласа, и насила ја отворила вратата.

На снимките коишто ги емитуваат локалните телевизии, се гледа како полицајците со црни баретки и штитови се распоредуваат на избирачкото место очигледно барајќи ги гласачките кутии, додека гласачите ја пеат каталонската химна.

Претходно каталонскиот претседател најави дека ќе гласа на избирачко место недалеку од Гирона во 9,30 часот, речиси истовремено кога таму упаднала полицијата, но тој не можеше да се забележи на телевизиските снимки.

Пуждемон во меѓувреме, сепак, успеал да гласа, покажуваат снимките на телевизијата TV3. Гласач во селото Корнела дел Тери во покраината Гирона, а не на избирачкото место на коешто тоа беше планирано, а на коешто провали шпанската полиција.

Шпанската национална полиција започна со запленувањето на гласачките кутии и избирачките листи и ливчиња на каталонските избирачки места, соопшти министерството за внатрешни работи во време кога дел од гласачите веќе започнаа да гласаат на спорниот каталонски референдум во неделата.

Интервентната полиција се судрила со избирачите пред едно гласачко место каде што десетици полицајци ги користат штитовите за да ги истуркаат луѓето, соопштиле очевидци. Гласачите извикувале „ние сме луѓе на мирот“ и „не се плашиме“. Според агенциските извештаи, полицијата почнала со потиснување на гласачите на повеќе избирачки места во Барселона и во Гирона.

Покрај заплената на избирачките кутии и гласачките ливчиња, полицијата има налог да избегнува употреба на сила, и само да ги предупреди луѓето да ги напуштат избирачките места. Организаторите на референдумот, пак, ги повикаа гласачите на мирен отпор доколку упадне полицијата.

Каталонските власти планираа да го одржат референдумот на повеќе од 2.300 избирачки места за 5,3 милиони регистрирани избирачи, но шпанската влада во саботата соопшти дека затворила „повеќе“ од локациите на кои треба да се спроведе референдумот. Каталонската влада во неделата утрото ги повика гласачите да гласаат на друго место, доколку нивното избирачки место полицијата го затворила.