Шпаркасе Банка со зголемено учество во Македонска берза и Централен депозитар

Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје го зголеми своето сопственичко учество во друштвата Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје и Централен депозитар за хартии од вредност АД Скопје, преку купување на дополнителен пакет обични акции со право на глас, соопштуваат од Банката.

Со донесеното Решение од страна на Комисијата за хартии од вредност и со реализација на трансакцијата за стекнување на акциите, Банката го зголеми своето портфолио на акции во Македонска Берза АД Скопје од 6,02% на 15,97%, додека преку купување на дополнителен пакет на акции го зголеми и своето учество во Централен депозитар за хартии од вредност АД Скопје од 5,95% на 19,98%, се вели во соопштението.

Долгорочно вложувајќи, Банката очекува позитивен развој на пазарот на капитал во Република Македонија, како и позитивни финансиски резултати на наведените друштва.

Со ваквиот инвестициски чекор, како што велат од Шпаркасе Банка Македонија, оваа Банка ја покажува својата доверба во институциите кои го водат пазарот на капитал и воедно придонесува за негов понатамошен развој, како и развој на целокупното економско окружување во државата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.