Спасени двајцата македонски државјани од запалениот ферибот

Арифи и Даути се двајцата македонски државјани кои се меѓу спасените од фериботот „Норман Атлантик“ што во неделата се запали во Јонското море, објави Алфа.

Тие се наоѓаат на италијанскиот воениот брод „Санта Џорџио“. Дека се живи за македонското министерство за надворешни потврдиле од грчкото министерството за поморство. Иако првично МНР излезе со информација дека на листата на исчезнати има тројца македонски државјани но денеска откако повторно побарале информации велат дека се двајца.

Во Грција пристигнаа 112 патници од фериботот. Досега е потврдена смртта на десет луѓе додека уште четириесетина се сметаат за исчезнати. Нема информации дали италијанските спасувачки тимови кои го пребаруваат фериботот успеале да влезат во внатрешните товарни палуби каде има над 200 автомобили и камиони.

Точниот број на патници останува непознат бидејќи грчките и италијанските власти објавија различни податоци. Ситуацијата дополнително се усложни откако меѓу спасените се појавија лица кои не фигурираат на списоците на патници.

Фериботот патувал од грчкото пристаниште Патрас за Анкона, Италија. Половина од патниците беа Грци, а имаше патници и од други земји.

Бродот се запали додека пловеше северозападно од островот Крф, наспроти брегот на Албанија, но се уште не се знае што го предизвика запалувањето во делот каде биле возилата.