Спасени над 2.000 имигранти во Медитеранот

Италијанската крајбрежна стража во опсежна операција изведена на Медитеранот, спаси над 2.000 имигранти кои тргнале кон европскиот брег од територијата на Либија, пренесува МИА.

Во соопштението на италијанското Министерство за транспорт се вели дека операцијата во неделата била изведена недалеку од либискиот брег, во меѓународни води.

Имигрантите, сите од земјите на африканскиот континент патувале во 12 поголеми гумени моторни чамци. Досега дека тие не само што се неприкладни за едно вакво долго патување, туку се и опасни за преминувањето преку Средоземното Море, затоа што при поголеми бранови и посилни ветрови, лесно може да се превртат.

Претставник на италијанското министерство изјави дека во текот на неделната спасувачка операција, крајбрежната стража била нападната од вооружени шверцери на луѓе кои отвориле оган од автоматско оружје,пред да избегаат со своите брзи глисери кон Либија.

Во италијанската операција биле вклучени еден авион, четири бродови на крајбрежната стража, која се справува со напливот на имигранти од Северна Африка,два брода влекачи,како и еден брод на италијанската воена морнарица.

Минатата недела,најмалку 300 имигранти исчезнаа во водите на Медитеранот,кога нивните гумени моторни чамци се превртеа, поради големите бранови и силниот ветер.

Во петокот 600 имигранти беа спасени на отворено море, 80 километри од брегот на Либија.

Спасените имигранти, во ваквите операции,прво се префрлаат на италијанска територија. Сите три поголеми групи беа тргнати од некои од градовите на либискиот брег.

Според податоците на УНХЦР, во текот на 2014 година, беа спасени над 200.000 имигранти кои настојуваат илегално да се префрлат во Европа. Речиси 3.500 лица се удавија во Медитеранот, пред да бидат спасени.