Спасески ја потпиша новата Конвенција за безбедност на фудбалските натпревари

Во рамки на Европското првенство во фудбал на стадионот Стад Де Франс, вечерва во организација на Советот на Европа се одржа церемонија на потпишување на ревидираната Конвенција за интегриран пристап за безбедност, сигурност и услуги на фудбалските натпревари и другите спортски настани.

На настанот присуствуваше и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, кој во името на Владата на Република Макеоднија ја потпиша Конвенцијата, која ќе ја замени Европската конвенција за насилство врз гледачите и недолично однесување на спортски натпревари, а особено за време на фудбалски натпревари (ЕТС 120), којашто беше подготвена во 1985 година, по трагедијата на Хејсел.

Целта на оваа Конвенција е да обезбеди безбедна, сигурна и пријатна средина на фудбалските натпревари и другите спортски настани. Ова се однесува на сите поединци, преку спроведување на интегриран пристап за безбедност, сигурност и услуги на спортските настани.

За да се гарантира пријатна атмосфера во и надвор од стадионите, Конвенцијата ги обврзува органите на земјите – потписнички на повеќе активности, меѓу кои и поттикнување на јавни агенции и приватни заинтересирани страни (локални власти, полиција, фудбалски клубови и национални федерации, и поддржувачи) да работат заедно во подготовките и водењето на фудбалски натпревари, потоа да се обезбеди дека инфраструктурата на стадионот е во согласност со националните и меѓународните стандарди и регулативи, како и да се обезбеди дека гледачите се чувствуваат добредојдени и добро третирани за време на натпреварите. Истовремено, земјите – потписнички ќе имаат обврска за назначување национален контакт лице за фудбалско информирање во рамките на полициските сили (НФИП) – National Football Information Point within the police force (NFIP).

Со Конвенцијата предвидени се голем број на мерки за спречување и казнување на акти на насилство и недолично однесување, вклучувајќи забрани за присуство на стадиони, санкции/постапки во земјата каде што делото е извршено, ограничувања на сторителот на патување во странство на фудбалски натпревари.

Спасески изрази задоволство што Република Македонија е една од првите земји потписнички на новата Конвенција и потенцираше дека нејзината примена особено е значајна во пресрет на организацијата на УЕФА Супер – купот, чиј домаќин ќе биде градот Скопје, следната година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.