Спасески: Во првите 100 дена реализирани осум од 40 проекти од областа на спортот

Во овие 100 дена од конституирањето на новата Влада, од вкупно 40 проекти предвидени во предизборната Програма, Агенцијата за млади и спорт има реализирано 8 проекти кои ги даваат очекуваните ефекти, а во тек е имплементација на  24 проекти, кои очекуваме да се реализираат и пред предвидениот рок“, вели директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.

„Со реализација на проектите од областа на спортот и спортската инфраструктура, придонесуваме за подобрување на условите за спортување, натпреварување и рекреирање на сите граѓани и создаваме современи спортски капацитети за подобар развој на спортот.  Во првите 100 дена го изградивме и свечено го предадовме во употреба спортското игралиште во селото Октиси, општина Струга, а целосно завршен е и спортскиот полигон на ул. „Христо Батанџиев” во општина Ѓорче Петров, кој што опфаќа 1 повеќенаменско и 1 кошаркарско игралиште со акрилна подлога, прво од ваков вид во државата. Одличен ефект и процент на реализација имаме и на проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта. Имено, од вкупно 42 игралишта кои што беа започнати со градба, само во првите 100 дена свечено отворивме 4 игралишта, а уште 25 целосно ги завршивме и подготвени се за свечено отворање. Останатите 13 игралишта се во фаза на градба, истите се реализираат со одлична динамика и ќе се завршат до крајот на оваа година. Го продолживме и проектот за изградба на 120 тениски терени низ целата држава, од кои досега изградени се 39, а во првите 100 дена започнавме со градба на други 26 тениски терени, со сертифицирана тврда акрилна подлога која ги исполнува меѓународните стандарди и правилата на ITF (Меѓународната тениска федерација), а се опремени и со рефлекторско осветлување за игра во вечерните часови. Овие игралишта очекуваме да финишираат до крајот на годинава“, истакна Спасески.

Во завршна фаза е проектот за изградба и опремување на 10 фудбалски игралишта со вештачка трева, по најсовремени стандарди кој се реализира во соработка со ФФМ, (Проект Hat-trick, донација на UEFA) во општините Ѓорче Петров, Гостивар, Штип, Битола, Прилеп, Велес, Тетово, Струмица, Охрид и Кратово.

Кога на сето тоа ќе се додадат и проектите за изградба на нови спортски сали на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, на Државниот Универзитет во Тетово и во ОУ„Крсте Мисирков“ во општина Гази Баба кои се во тек и се реализираат со одлична динамика, овозможуваме максимални услови за спортување на студентите и учениците и полека но сигурно ја менуваме спортската мапа во нашата држава.

.