Македонија

Спасов: 300 лица со инвалидност транспарентно добија вработување

Спасов: 300 лица со инвалидност транспарентно добија  вработување

Максимално транспарентно и без учество на човечки  фактор ќе бидат вработени  300 лица со инвалидност, истакна денеска министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

На денешната пресконефренција тој појасни дека на  огласот за вработување на 300 лица со инвалидност, конкурирале вкупно 1826 лица, од кои 1069 невработени лица ги исполниле критериумите и условите. Во прелиминарната листа се опфатени 46 лица со оштетен вид, 40 лица со оштетен слух, 2 лица со пречки во глас, говорот и јазикот, 60 лица со телесна инвалидност, 73 лица со пречки во интелектуален развој, 32 лица со комбинирани пречки и 47 инвалиди на труд.

„Рангирањето е максимално транспарентно, без учество на човечки фактор, електронски со посебен софтвер врз основа на податоците од апликациите кои се проверени и потврдени преку системите на државата со единствена цел, а тоа е да се даде шанса и да се вработат оние кои се во најтешка положба согласно критериумите и условите во самиот конкурс“, појасни Спасов кој додаде дека при изборот се водело сметка за принципот за еднаква и правична застапеност на зедниците во Македонија.

Листата на вработени  ќе биде објавена на веб страниците на ЈП Македонски шуми и министерството за труд и социјална политика. Апликантите кои не се дел од прелиминарната листа, имаат право да поднесат жалба до „Македонски шуми“, при што жалбите детално ќе бидат разгледани и проверени од сите стручни комисии.

Откако ќе поминат роковите за обжалување и кога ќе се утврди финалната листа на примени кандидати, истите ќе започнат со работен однос во рок од 4 до 6 месеци во државната и јавната администрација.

Со овој проект, ќе се вработат 300 лица со инвалидност, а  160 од нив кои се со ниско образование ќе бидат вработени како помошни работници, 100 лица со средно и високо образование ќе бидат референти и извршители и останатите 40 со високо образование ќе бидат соработници, односно советници.