Спасов: Анкетите на „Брима Галуп“ се точни

Опозицискиот анкетар и прв човек на агенцијата „Рејтинг“, Ѓорги Спасов, вечерва ретерираше од првичното тврдење од пред неколку дена дека анкетите кои ги спроведува реномираната независна агенција „Брима Галуп“ се лажни.

По анкетата на една од најреномираните агенции за неделникот „Република“ која покажуваше повеќе од двојна предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ, Спасов излезе со тврдење дека „Брима Галуп“ лажела. Сепак, Спасов вечерва во рамки на гостувањето воемисијата „Акцент“ на МРТ ретерираше од ваквото тврдење и изјави дека анкетите на оваа агенција не се погрешни.

Откако најпрво Спасов се правдаше дека апсолутно ненамерно направил превид во датумите кога се спроведени двете анкети кои ги спомнуваше, подоцна и самиот призна дека анкетите се точни и тој воедно го повлекол статусот кој го објавил на Фејсбук. Спасов вечерва рече дека не ги видел датумите кога изјавил дека е нелогично таква анкета да била спроведена во ист период, со иста методологија.

Се доби впечаток дека се работи за различни податоци, но јас го поправив статусот првичен, реков дека не се работи за манипулација на „Брима Галуп“, туку дека се работи за две анкети кои што се спроведени, кои најверојатно имаат идентични резултати меѓутоа од едната анкета што е сосема најнормално се прикажуваат резултатите од вкупното гласачко тело, а во другата анкета се прикажани само резултатите. Значи зборувам не за грешка на агенциите за испитување на јавното мислење кои што сосема професионално си ја завршуваат работата, туку за грешка во интерпретацијата, што ќе изберете вие за да прикажете како резултат од одредено истражување и како тоа ќе го интерпретирате во јавноста и тука најчесто агенциите кои што ги спроведуваат истражувањата не можат да влијаат на тоа, изјави Спасов.

Со ваквото ретерирање и тврдење дека анкетите на „Брима Галуп“ се точни, а не погрешни, Спасов практично признава дека СДСМ ќе ги загуби изборите и дека ВМРО-ДПМНЕ има голема предност, каква што е нотирана во анкетите.

Јас сметам дека било која агенција да спроведе истражување на професионален начин како што ова го има направено „Брима Галуп“ ќе ги добие овие резултати кои што ги објави „Брима Галуп“ и јас не ги спорам бројките кои се објавени, вели Спасов.

Инаку, најновата aнкета на Брима Галуп, во соработка со неделникот Република, прогнозира убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Огромни 70,2% од Македонците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ има поголема поддршка од граѓаните, наспроти 11,2% кои сметаат дека СДСМ има поддршка од граѓаните. Дури 55,9% сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победник на следните избори, наспроти 12,1% кои мислат дека победник ќе биде СДСМ. Никола Груевски и понатаму е политичарот со најголема доверба кај граѓаните со високи 32,3% пред Зоран Заев кој ја ужива довербата на 9,1% од испитаниците.

На прашањето За која партија би гласале доколку следната недела би се одржале нови парламентарни избори? резултатите се 33,3 % ВМРО – ДПМНЕ, а 14,7 отсто за СДСМ.