Спасов доби плакета за заслуги од Сојузот на здруженија на пензионери

Во рамки на одбележувањето 70 години од формирање на Сојузот на здруженија на пензионери, претседатеот Драги Аргировски му додели плакета на дополнителниот министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, за особени заслуги во развојот на СЗПМ. Притоа, Аргировски се заблагодари за плодната соработка и поддршката која ја добиваат години наназат од Спасов и од МТСП.

Исто така, претседателот Ѓорге Иванов денеска го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија,  по повод 70 години од пензионерското организирање.

– Пензионирањето од работа не значи пензионирање од општеството. Напротив, пензионерите со своите активности и помагање во рамките на домот и семејството, но и во пошироката заедница, преку учество во најразлични иницијативи со своето искуство и интелектуален капацитет се активни чинители на општествените текови, истакна Иванов.

Сево ова, како што додаде, на соодветен начин треба да биде максимално исползувано и верифицирано од нашето општество.

– Овој јубилеј е можност да се еволуираат програмите и активностите и, секако, со нова енергија да се продолжи во унапредувањето на правата и должностите на пензионерите. Велам должности, бидејќи вие сте многу важен дел од општеството, рече претседателот.

Според него, Повелбата на Република Македонија е и признание за сите пензионери за нивниот придонес за заедницата за време на работниот век, но и по заминувањето во пензија. – Но, истовремено и очекување од вас. Да го пренесете вашето акумулирано знаење, искуство и мудрост, без кои ниту едно општество не може да функционира. Да ни помогнете да не ги повторуваме грешките што се правеле во минатото. Да им дадете пример на младите, додаде Иванов.

ivanov

Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Драги Аргировски во обраќањето на свечената академија рече дека оваа Повелба значи признание за 250 илјади пензионери, како и за седумдецениската историја на пензионерското организирање во Македонија.