Спасов: Државата ќе субвенционира вработување на 100 лица во социјален ризик

Во изминатите две години преку мерката за субвенционирано вработување на лица од социјално ранливите категории се вработиле вкупно 126 лица во 114 приватни компании. По шестмесечно кочење на преоктот, денес и официјално беше објавен првиот оглас за вработување на 100 лица од социјално ранливите категории преку мерката за субвенционирано вработување. За таа цел ќе бидат издвоени 16 милиони и 600 илјади денари.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денес беше во посета на фирмата „Идадија Инжинеринг“ која е еден успешен пример и каде има вработени лица преку оваа мерка.

spasov-idadija-4

Еден од приоритетите на Владата на Република Македонија е поддршката за социјално ранливите категории на граѓани. Се трудиме изминатите години, изминатиот период преку низата мерки да го подобриме животот на овие наши сограѓани преку зголемување на паричните помошти, преку еднократниот отпис на долговите, субвенционирањето на потрошувачката на енергија, како и низа други проекти, рече Спасов.

spasov-idadija-3

Како што посочи министерот, најголем приоритет на Владата е вработувањето на овие лица, односно решавање на најзначајното животно прашање за овие луѓе – нивно вработување и обезбедување на средства за нивна лична егзистенција и егзистенција на нивното семејство.

Изминатите три години Министерството за труд и социјална политика во соработка со Агенцијата за вработување ја реализира мерката за субвенционирано вработување на лица кои што се наоѓаат во социјален ризик. За жал оваа мерка изминатите шест месеци беше целосно закочена и покрај тоа што Министерството имаше обезбедено буџети во плановите за работа на Министерството беше планирано објавување на оглас за вработување на 100 лица од социјално ранливи категории, а за субвенционирано вработување не беше распишан оглас што е уште еден показател за начинот на функционирање на техничкиот министер од редовите на СДСМ. Денес можам да објавам дека огласот за субвенционирано вработување на лица во социјален ризик се распишува. Можат да аплицираат сите приматели на социјална парична помош, жртви на семејно насилство, лица кои што имале статус на деца без родители и родителска грижа, исто така лица кои што се наоѓаат во социјален ризик, односно имаат ниски приходи. Огласот ќе биде објавен еден месец и на него можат да аплицираат и сите приватни компании кои што се заинтересирани со субвенционирање да вработат лица од овие категории, рече тој.

Инаку, во рамки на оваа мерка Министерството за труд и социјална политика ќе овозможи финансиска субвенција во износ од 23.000 денари месечно во период од шест месеци од кои што 17.000 денари за субвенционирање на платата на лицето кое што ќе се вработи, додека 5.000 денари за покривање на трошоците за обука и за материјали кои што ги има работодавачот во овие шест месеци. После завршувањето на периодот за субвенционирање следува обврска за работодавачот да ги задржи уште најмалку шест месеци на своето работно место.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.