Спасов ги посети децата кои летуваат во „Мајски цвет“

Министерот Диме Спасов ги посети дечињата кои во моментов ја користат бесплатната услуга за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и корисници на посебен додаток во Детското одморалиште „Мајски цвет“ во Струга.

Во одморалиштето во моментот претстојуваат 250 дечиња. За успешноста на проектот, според Спасов,  говорат насмевките на дечињата и незаборавното време што го поминуваат на охридското крајбрежје.

– За позитивноста на проектот говорат и родителите, бидејќи сите што немаат доволно средства да ги испратат своите дечиња на одмор преку овој проект им го овозможуваме тоа. Станува збор за проект со кој се опфатени околу 2.000 деца од семејствата од социјален ризик и примателите на социјална парична помош, деца со пречки во развој и деца без родители и родителска грижа, изјави Спасов по посетата и ручекот со летувалците.

Преку владиниот проект за одмор и рекреација на деца од социјално ранливи категории што почна да се реализира од 2012 година опфатени се околу 6.000 дечиња. Ова лето ќе бидат опфатени околу 2.000 дечиња, а проектот ќе продолжи и во зимскиот период. Ова лето во „Мајски цвет“ пресојувале 680 деца, во моментот има 250, а планирани се уште пет смени со 1.070 деца.