Спасов: Има услови за отворање на старечки дом во Катланово

Како резултат на активностите на Владата за поттикнување на приватните инвеститори да градат старски домови се создаваат услови за отворање ваков дом на територијата на општина Петровец, во Катланово, информираше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

– Во интензивна комуникација сме со општина Петровец во насока на создавање услови за приватен инвеститор да инвестира во изградба на старски дом во општина Петровец. Издадовме слободен објект кој брзо ќе се даде на продажба со намена за отворање на старски дом во населеното место Катланово. Ввеќе има тројца инвеститори кои што се заинтересирани да инвестираат и во овој дел, истакна Спасов одговарајќи на новинарско прашање, по пуштањето во употреба на повеќенаменското игралиште во Ржаничино.

Локацијата, според Спасов, е на погодно место во населеното. За неа заинтересиранирте се обратиле и до МТСП и до општина Петровец.

– Верувам дека сите тие ќе аплицираат на повикот којшто ќе го објавиме за продажба на локацијата и објектот којшто ќе им се стави на располагање, рече ресорниот министер.

Очекува овој јавен повик за продажба на локацијата да биде објавен на почетокот на 2015 година, а во текот на 2015 или најдоцна 2016 и во општина Петровец да има модерен и современ старски дом со кој, како што потенцира, дополнително ќе се подобрат условите за згрижување на највозрасните граѓани во Македонија.

– Ова е дел од низата поволности коишто како Влада ги донесовме, од 1 евро почнавме по метар квадратен за локација за изградба на старски дом и приватна градинка до намалување на 95 проценти на комуналиите за изградба на ваков објект, како и поволните кредитни линии преку Македонската банка за поддршка на развојот и учество во активните мерки за вработување преку Агенцијата за вработување, додаде Спасов.

Досега се отворени 16 приватни старски домови, два се во фаза на изградба и продадени се две локации во општина Илинден и во општина Аеродром за изградба на вакви старски домови.