Спасов: Манипулации се тврдењата за наводно неисплаќање посмртнина

Информациите дека не им се исплаќа посмртнина или им се исплаќа намалена на оние пензионери кои биле на бања во рамки на овој проект, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, ги оквалификува како невистина, тешка манипулација и груб обид да се фрли темна дамка на проектот за бесплатна бањско-климатска рекреација.

– Не е точно дека заради користење бесплатна бањска-климатска рекреација им се одземаат средства на оние пензионери кои ја користеле оваа услуга. Станува збор за обид да се фрли темна дамка на еден позитивен проект што го реализира Владата во изминатите години, истакна министерот Спасов.

Појасни дека Фондот за пензиско инвалидско осигурување доделува финансиска помош од 30.000 денари на блиското семејство на починатиот. Возможно е, рече Спасов, да им се исплатат помалку средства само доколку кон пензионерот има извршна исправа за наплата на одреден долг, а во никој случај за користење на оваа услуга.

Досега над 27.000 пензионери ја искористиле оваа бесплатна услуга. МТСП годишно за неа издвојува околу 35 милиони денари.

– Годинава, како и изминатите, услугата ја користат околу 5.500 пензионери. Проектот ќе продолжи да се реализира и наредната година. На почетокот на 2015 ќе биде распишан и нов оглас, информира ресорниот министер.

Овој проект, додаде, е целосно бесплатен за корисниците на пензија. Тие не сносат никаков трошок. Сите трошоци ги покрива МТСП. – Интересот е голем. Годишно аплицираат околу 20.000 пензионери за користење на оваа услуга. И токму поради големиот интерес ќе продолжиме овој проект да го реализираме, потенцира Спасов.

На ваков начин, според него, се реализираат повеќе цели. Како што рече, од една страна се поддржуваат највозрасните граѓани, а од друга страна со финансиските средства кои се издвојуваат се развиваат бањските капацитети во кои сега условите се многу подобри од порано.