Спасов: Нова мерка за субвенционирано вработување

Нова мерка за субвенционирано вработување на лица во социјален ризик најави денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Како што информира министерот, станува збор за субвенција од шест месеци што ќе можат да ја добијат приватните компании во максимален износ за бруто-плата од 17.000 денари, плус 5.000 денари за обука на лицето кое што ќе го ангажираат преку користење на оваа мерка, односно вкупно 22.000 денари месечно во период од шест месеци со обврска за компаниите да ги задржат вработени лица дополнително уште 12 месеци на работа.

Оваа мерка ги таргетира социјално ранливите категории на граѓани, односно ќе субвенционираме вработување на приматели на социјална парична помош, но и останати лица коишто се во социјален ризик, како што се жртви на семејно насилство, лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа, поранешни корисници на условен паричен надоместок, родители на деца со пречки во развојот и останати групи на социјално ранливи категории на граѓани, информира министерот за труд во рамки на посетата на Саемот за вработување во Радовиш.

Со овој оглас, додаде се планира се остварат околу 100 вработувања. За реализација на оваа мерка, рече, се обезбедени околу 14 милиони денари, што е дополнителна финансиска помош за компаниите.

Како Влада и понатаму продолжуваме со реализација на мерките за вработување со кои сакаме да влијаеме на поттикнување на приватните компании да ги зголемат своите работни места. Исто така, и директно да влијаеме на намалување на невработеноста во Република Македонија, рече Спасов.