Спасов на 104-тата сесија на Меѓународната конференција на трудот во Женева

Во Женева се одржува 104-тата сесија на Меѓународната конференција на трудот на која што ќе се разгледува извештајот за примената на конвенциите и препораките и главни теми за кои што ќе се дискутира се: “Мали и средни претпријатија и пристојно и продуктивно вработување- општа дискусија”, “Олеснување на преминот од неформална во формална економија –воспоставување на стандард”,  но и дискусија за стратешките цели на социјалната заштита, односно трудовата заштита, како продолжение на Декларацијата на МОТ за социјална праведност за праведна глобализација.

Во последната недела од конференцијата свое учество зема и  трипартитната македонската делегација предводена од министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во чиј состав се и претставници на репрезентативните синдикатите и организации на работодавачи.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов се обрати на сесијата посветена на олеснување на преминот од неформална во формална економија при што истакна дека     Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика во своите стратешки приоритети и цели го има отворањето на нови работни места, односно намалување на невработеноста.

Овие цели се реализираат преку примена на ефикасни активни политики за вработување, пришто континуирано се следи и подобрува процесот на вработување на различни категории на граѓани преку бројни програми и мерки за вработувања.

Притоа, од мерките кои придонесуваат за зголемување на вработеноста,  Спасов ги посочи Годишниот акционен план за вработување, потоа Стратешкиот план за вработување на Владата на Република Македонија кој игра значајна улога во драстичното подобрување на вработеноста во последните години. Спасов се осврна и на годишните оперативни планови, со кои се дава помош и поддршка за вработување или работно ангажирање на различни целни групи кои потешко би можеле да се вклучат на пазарот на труд, ранливи категории на граѓани, или пак лица кои ги изгубиле работните места по различни основи.

Министерот Спасов ги запозна присутните  со новиот проект кој се спроведува „Македонија вработува“ и кој покажува солидни резултати во зголемување на вработеноста на  различни категории на граѓани и од кој се очекува  придвижување на економијата, забрзано ефективно отворање и создавање на нови работни места во приватниот сектор, но и спроведување на политики кои ќе помогнат на невработените лица од различна возраст и со различен статус да се вработат.

Исто така, мерка за вработување, чија примена е во тек и за која Спасов истакна дека има успешна имплементација е Програмата за Самовработување со која се постигнува намалување на невработеноста и отворање на нови работни места преку поттикнување на претприемништвото и започнување на сопствен бизнис на поединците. Во своето обраќање тој ги спомена и големиот број на обуки за невработени лица кои се спроведуваат преку Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Владата на Република Македонија, како што истакна Спасов, е силно посветена  на развивање и унапредување на социјалниот дијалог во државата со социјалните партнери, а со поддршка на Меѓународната организација на трудот.

Тој истакна дека сериозен исчекор е направен со формирањето новиот Економско-социјалниот совет во 2010 кој во континуитет разгледува и дава свое мислење и препораки за одделни прашања од економската и социјалната сфера и постигнува видливи резултати, како носењето на Законот за минимална плата, утврдувањето на правилниците за безбедност и здравје при работа со кои се обезбедува заштита на работното место и здравјето на работниците, повеќе измени на Законот за работните односи и други чувствителни прашања кои ги засегаат работодавачите и работниците.

Спасов потенцираше дека Меѓународната организација на трудот и дава огромна поддршка на Република Македонија, а конкретен чекор во тој правец е потпишувањето на новата Национална Програма за пристојна работа 2015-2018 година чии главни цели се унапредувањето на правата на работното место, поттикнувањето на можностите за пристојно вработување, подобрувањето на социјалната заштита и зајакнувањето на социјалниот дијалог.

Тој го спомена и проектот “Унапредување на социјалниот дијалог” вреден околу 1,3 милиони евра, финансиран од ЕУ, а во чија имплементација има удел и Меѓународната организација на трудот.