Спасов: Намалувањето на невработеноста е резултат на сеопфатен пристап

Намалувањето на нивото на невработеност, кое според последните податоци на Државниот завод за статистика и методологијата за статистика на Еуростат изнесува 27,9 проценти, е резултат на сеопфатен ангажман, реализирање мерки, реформи, привлекување странски инвестиции… Очекуваме дека од квартал на квартал невработеноста се повеќе и повеќе ќе се намалува, оцени денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

– Врвен приоритет на Владата на Република Македонија е намалување на невработеноста и креирање на нови работни места. Преку сет на мерки, проекти и реформи, преку меѓуресорски и мултиресорски пристапи изминатиот период се влијае на создавање на поволна бизнис клима, создавање на поволни можности за формирање на сопствени бизниси, намалување на даноците и воведување на рамна ставка на данок, поттикнување на што е можно поголем број на странски инвеститори да влезат во нашата држава да инвестираат, меѓутоа исто така и континуирано зголемување на вработувања во странските инвестиции, истакна Спасов одговарајќи на новинарско прашање по учеството на 8-та седница на Собранието на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија.

Исто така, рече, преку активните мерки и политики за вработување коишто се реализираат преку МТСП и Агенцијата за вработување, се трудиме да ги насочиме кон индивидуален пристап кон секој невработен, да ги подобриме и услугите коишто ги даваат Агенцијата и Министерството.

– Целта е поголема информираност и на работодавачите од приватниот сектор и на невработените лица, реално согледување на бројот на активни баратели на работа и мотивирање на младите луѓе и на сите оние коишто бараат работа да станат активни баратели на работа, и на таков начин да им се зголемат можностите за побрзо и полесно да најдат работа, рече Спасов.

Тој додаде дека исто така се прават напори сите оние коишто имаат намалени можности да учествуваат во пазарот на труд под еднакви услови да бидат дообучени и доквалификувани со цел побрзо и полесно повторно да стигнат до работа.

Појасни дека само како резултат на Оперативниот план за вработување, активните мерки и политики во 2014 година опфатот на невработени лица преку овие мерки е над 20.000, а само преку активните мерки се постигнати над 5.400 вработувањ, што како што истакна се пет фабрики од по илјада невработени коишто добиле работа токму со вакви мерки и политики.

Најави дека и во наредниот наредниот период ќе се продолжи со активниот пристап, мерки и активности со цел намалување на невработеноста.