Спасов: Никогаш не сум соработувал со тајните служби

По објавата на Лустрациска дека Ѓорѓи Спасов, поранешен министер за правда и екс амбасадор на Македонија во Софија бил соработник на Тајните служби, се огласи лустрираниот кој најави жалба до Управниот суд.

„Ве известувам дека, според мое длабоко уверување, Комисијата за утврдување на факти, утврдила погрешно, врз основа на неповерени факти, дека сум бил соработник на поранешната Служба за безбедност. Тое не може да се заклучи ниту од еден од наводните  докази што таа комисија во прилог на решението ги има поставено на својот веб сајт. Иако сметам дека таа Комисија одамна е претворена во тело за политички прогон на неистомислениците на сегашната власт, ве информирам дека на нејзиното решение ќе поднесам жалба до Управниот суд. Ако одлуката на тој суд не биде праведна, правдата ќе ја барам со жалба до Меѓународниот суд за човекови права во Стразбург.

Одговорно изјавувам дека никогаш не сум соработувал со некогашната Служба за државна безбедност и дека овој вид на срамни политички конструкции, изработени врз основа некакви произволно напишани службени белешки од општински полицајци на некогашната УДБА,  ќе бидет еден ден демаскирани. Во нив се тврди дека како асистент на Институтот, две години по смртта на Тито,(во 1981) на некој општински полицаец сум му дал информација за постоење на анархолиберали меѓу новинарите на тогашниот весник Студентски збор и сум ги нарекол псевдо либерали. Поголема глупост не можел да измисли ниту тој ниту Комисијата, но веројатно сега им било потребно да бидам дискредитиран откако ме видоа дека учествувам во студентскиот протест и во моите колумни  ги подржувам студентите. Одлуките на оваа комисија се претвораат во доделување  ордени од страна на власта на заслужните опозиционери.

Од тоа ќе се срамат сегашните членови на Комисијата и се надевам дека ќе одговараат за нанесена  штета врз  мојата чест  и углед“, вели Спасов во својот демант.