Спасов: Со обуките за ИТ вештини невработените побрзо до работно место

Вкупно 100 невработени лица ќе добијат можност да се стекнат со напредни знаења од ИТ вештини преку владината мерка, а со цел нивно побрзо вработување. Јавниот повик за аплицирање за овие обуки е веќе во тек, а невработените ќе добијат можност да се преквалификуваат и да стекнат со знаења и вештини за моментално најбараните професии на пазарот на труд во Република Македонија.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски денес остварија посета на тренинг центарот во СЕМОС Едукација што е еден од провајдерите што помага за реализација на мерката за обука напредни ИТ вештини.

dime-semos-2

Сакам да ја искористам оваа можност за да ја информирам јавноста дека е распишан нов повик за мерката за Обука за напредни ИТ вештини. Продолжуваме со реализација на оваа мерка која што е одлична можност за невработените лица кои што имаат основни познавања за информатички технологии, меѓутоа сакаат да го надградат своето знаење. Голем број од компаниите бараат дополнителен кадар за луѓе кои што ги познаваат напредните ИТ вештини и повеќе програми. Оваа мерка  го овозможува тоа: Нудиме шестмесечна обука за невработените лица, за напредни ИТ вештини, за повеќе видови програми кои што навистина чинат многу. Од 60.000 до 120.000 денари чини обука за едно лице, кое што после завршувањето на шестмесечната обука се здобива и со меѓународно признат сертификат и неговите шанси за вработување се далеку поголеми и најчесто веднаш по завршувањето на обуката учесниците во самите обуки многу брзо наоѓаат работно место, рече тој.

Во однос на успешноста на оваа мерка, Спасов рече дека бројките сами по себе говорат за тоа. Како пример само наведе дека во рамки на само една обука, односно на обуката за Јава програмер во 2014-тата од сите лица што учествувале во оваа обука над 85 проценти се веќе вработени или по завршувањето на обуката добиле работно место.

dime-semos

Оние 100 невработени лица што ќе се јават на објавениот јавен повик ќе може да учествуваат во обуките за Јава програмери и за Мајкрософт веб програмери. Буџетот кој што е обезбеден е во износ од околу 8 милиони денари

Директорот на АВРМ рече дека овие обуки се обуки кои што даваат можност за брзо вработување и тоа не само во Република Македонија , туку и надвор, бидејќи со секое полагање на самиот сертификат за секоја од овие обуки зависно од последното бодовно салдо, односно со која успешност е положен самиот испит може да станат дел од списокот на експерти на провајдерите на овие обуки со тоа што може да стапат во контакт и со меѓународни компании кои што бараат вакви експерти.

Тој потенцира дека и во Република Македонија влегуваат инвеститори кои што бараат вакви програмски експерти, пред се Јава, Дот Нет, Ауто Кад, а лицата што веќе се дел од обуките, како што рече ќе имаат можност да бидат поканети на интервју за вработување.

Дел од тие што се веќе на обука, поготово за Јава веќе имаат добиено понуда од странска инвестиција која што веќе влезе во Македонија за да добијат работно место, рече Поповски.

За учество во оваа мерка, како што информира Поповски, сите лица треба да се најмалку три месеци во евиденцијата на на невработени лица на АВРМ. Не е важно образовното ниво, важно е кандидатот да има желба да учествува на овие обуки, пред се да го положи квалификациониот испит со кој што се утврдуваат неговите знаења за информатика, бидејќи ова не е почетен курс за информатика, туку е надградување на знаењата.

Ирена Ивановска од Семос Едукација информира дека во нивниот тренинг центар течат обуки за повеќе програми. Како што рече досега вкупно 130 кандидати успешно ја поминале обуката, а над 85 отсто успешно ја положиле.

Таа напомена дека Јава Програмер и Мајкрософт Веб програмер во моментов се најбараните професии во Македонија, а нагласи дека по успешното завршување на обуките и самиот тренинг центар посредува за понатамошно вработување на кандидатите.