Спасов: Опозицијата ако толку посакува промени нека се појави на избори

Изминатите 6 месеци се можност за сите граѓани да се потсетат, а помладите генерации да видат каков е начинот на владеење на функционерите од редовите на СДСМ. Изминатите шест месеци се одбележани со многу закочени проекти, со нула реализирани нови проекти, со големи партиски притисоци врз администрацијата, со голем број разрешувања на раководители на институции, директори и местење на партиски кадри од СДСМ, незаконско именување на директори.

Ова во вестите на Сител го истакна заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов говорејќи за состојбите во Министерството по доаѓањето на техничката министерка Фросина Ременски во истото.

-Сето тоа резултираше со голем број на тужби кои ги поднесов, со постапки кои се покренати со цел да се докаже, да се спречи и запре незаконското функционирање. Имаме над 20 решенија за времени мерки од судот кои се правосилни судски акти кои не се испочитувани од страна на техничката министерка Ременски. Имаме исто толку одлуки на второстепената комисија за жалби со кои се потврдија жалбите на разрешените директори кои не се испочитувани. Поради ова Владата ја исполни својата законска должност, ги поништи сите незаконски одлуки и сега во институциите се враќа поранешната состојба, потенцираше Спасов.

Во однос на кризата која се случува во Македонија, заменик министерот за труд и социјална политика истакна дека колку побрзо заврши истата, толку подобро ќе биде за Македонија, бидејќи вакви случувања на никој не му одговараат.

-Оваа криза неим одговара ниту на пензионери, ниту на земјоделците, на врабоптените, приватните компании, ниту на невработените. Секој што ја сака нашата земја не посакува да продолжи оваа криза. Нејзино продолжување би значело и нестабилност на Македонија која на никој не му одговара. Поради тоа потребно е одржување на избори на 5 јуни. Опозицијата ако толку  посакува да направи одредена промена може да се појави на избори и така да се пресмета со ВМРО-ДПМНЕ, потенцира Спасов.