Интервјуа,Македонија

Спасов: Оваа година се вработија скоро 6.000 млади лица

Спасов: Оваа година се вработија скоро 6.000 млади лица

Министерството за труд и социјална политика реализира голем број на проекти наменети до граѓаните од сите возрасти. Ресорски, под нивна закрила се и најмалите- децата, работниците и највозрасните-пензионерите. За овие теми и проекти, порталот Курир разговараше со министерот Диме Спасов.

На една маратонска владина седница беа отворени неколку точки од вашиот ресор. Беа прифатени измените во законот за заштита на деца. За какви измени станува збор?

-Со последните измени на Законот за заштита на деца реализираме неколку барања на здруженијата на граѓани кои имаат дечиња со Даунов синдром, меѓутоа и сите оние кои се корисници на посебниот додаток. Тоа е месечна парична помош која ја остваруваат родителите кои имаат деца со пречки во развојот. Имено, во изминатиов период се констатираше како основа на непосредните разговори кои ги водевме со овие невладини организации дека одреден број на деца со даунов синдорм не користат парична помош од страна на државата. Односно, оние дечиња кои се со комбинирани пречки во развојот, а имаат и Даунов синдорм се околу 180 такви случаи, тие остваруваат месечна парична помош од страна на државата. Во моментов има детектирано 88 деца карактеризирани само со Даунов синдром и тие не остваруваа месечна парична помош. Тоа е дел од нашите предизборни ветувања и проект кој што беше во програмата на Владата на Република Македонија и да им дадеме и финансиска поддршка и на овие родители. Со тоа целосно да ја опфатиме оваа група на деца и родители. Токму поради тоа го воведуваме паричниот месечен надоместок за сите деца со Даунов синдорм. Исто така воведуваме и посебен додаток за децата кои имаат пречки во развојот, а го земаат нивните родители. Односно, оние кои се во потешка материјална состојба и кои имаат помалку финансиски средства, а тоа се пред се примателите на социјална парична помош и примателите на постојана парична помош. Со оглед на тоа дека нивната финансиска состојба е многу потешка од на останатите, проценивме дека има потреба од зголемување на паричниот надоместок што го остваруваат овие родители, а имаат деца со пречки во развојот кои имаат соодветни потреби кои финансиски треба да се надоместат. И токму поради тоа исто така ветивме и го реализиравме, од наредната година, од јуни месец ќе има зголемување на посебниот додаток за сите материјално необезбедени родители во износ од цели 25 проценти. При што, имено и минатата година направивме одредена интервенција во овој дел, односно дадовме зголемување за 50 проценти за самохраните родители кои што имаат деца со пречки во развојот. Со ова се потврдува дека Владата континуирано води грижа за ранливите категории на граѓани, особено за оние кои имаат пречки во развојот и директно финансиски ги помага. Финансиските средства кои ги обезбедуваме на годишно ниво, како потреба за реализација на овие два проекти се околу 18 милиони денари. Тоа е околу 300,000 евра кои што дополнително се обезбедени во Буџетот на министерството со намена на поголема поддршка за овие родители и за децата со пречки во развојот, рече Спасов.

ivana-spasovdime

Како дел од владината кампања „Здравјето е избор“, се направија измени во исхраната во градинките. Какви препораки издадовте и која е нивната цел?

– Во дел од реализацијата на програмата која што е пред се, подигнување на јавната свест за важноста на здравата храна, ние како министерство превземавме системски мерки со цел да го подигнеме квалитетот на храната, не само во детските градинки, туку во сите институции кои се под министерството за труд и социјална политика, кои што згрижуваат деца, но и повозрасни граѓани. Поради тоа направивме интервенции и низа измени во законот кој го регулира функционирањето на овие институции, вклучувајќи ги и детските градинки. Притоа пропишавме и одредени стандарди кои ќе ги носи министерството врз основа на мислење од Комитетот за здрава храна кој е владин Комитет каде учество земаат многу стручни лица кои го даваат своето мислење и препораки со цел да ги подобриме стандардите на храната во градинките. Воведовме исто така и измена на неделните менија кои што се реализираат во самите градинки и институции со цел да ги отфрлиме оние нездрави оброци или пак делови од исхраната. На пример, маргаринот да се замени со путер, белиот шеќер да се замени со кафеав шеќер. Да се воведе задолжително консумирање на овошје и зеленчук. Овој проект е во фаза на реализација. Засега нема поголеми поплаки од родителите или вработените. Ние ја следиме имплементацијата на овој проект и понатаму ќе ја следиме со цел во сите градинки да се реализираат континуирано. Од друга страна импементираме и проекти за создавање на градини за здрава храна во самите градинки, каде што по моделот на неколку европски држави. На пример, Велика Британија каде што познатиот готвач Џејми Оливер имаше широка кампања за револуција во исхраната во училиштата, градинките. По примерот на тој модел го воведовме овој проект, односно сите оние градинки кои што имаат реални услови во своите дворови да направат такви градини, веќе започнаа со изведување на истите. Можам да кажам дека во над 90 проценти од градинките е започната реализацијата на овој проект со тоа што дечињата можат многу да научат од самата реализација на овој проект. Учат како се сади овошјето или зеленчукот, како расте, како изгледа. Го берат, учат за неговите здрави состојки, за хранливите материи кои ги содржи овошјето или зеленчукот и со тоа се стекнуваат и со здрави навики во животот. Мислам дека овие два проекти кои ги реализиравме се системски и ќе придонесат за значително подигнување на квалитето на здравата храна во сите институции под МТСП, објасни министерот.

ivana-spasovdime

Со низа мерки Владата го стимулира вработувањето на младите лица до 29 години. Колку се успешни овие проекти?

– Клучен предизвик во Република Македонија е невработеноста и Владата на Република Македонија се труди преку системски приод и различни сектори да влијае на намалување на невработеноста во нашата држава. Тоа се потврдува и со бројките од Државниот завод за статистика којшто ја објавува статистиката на секој квартал. Согласно третиот квартал од 2014 година и последните податоци, невработеноста изнесува 27,9%, што е значително намалување од претходните години и продолжување на континуитетот на пад на невработеноста во нашата земја. Ако пред 7,8 години изнесуваше околу 38%, сега е повеќе од 10% пониска и се трудиме и понатаму преку ваков пристап да влијаеме на намалување на истата. Клучен предизвик е обезбедувањето и отворањето на нови работни места, особено кај младата популација. За сите оние кои ги завршиле студиите, се студенти или, пак, за сите млади луѓе до 29 години како Влада презедовме низа мерки со кои сакаме да влијаеме на отворањето на нови работни места и на создавањето на нови вработувања во реалниот сектор, во приватните компании. Со давање на поволности на приватните компании и нивно мотивирање преку финансиска поддршка да отворат нови работни места, особено за младите лица до 29 години, оваа година во март месец направивме соодветни измени на повеќе закони со коишто воведовме една двегодишна системска мерка ослободување од плаќање на социјални придонеси и персонален данок за секоја фирма којашто ќе вработи млад човек до 29 години. Под одредени услови да не го намалиле претходно бројот на вработени и да не можат да ја злоупотребуваат самата мерка, односно да не отпуштаат и повторно да ги вработуваат истите луѓе со реализација на оваа мерка. Приватната компанија којашто ќе вработи млад човек до 29 години ако го задржи на работа ослободувањето е 12 месеци во износ од 37% од бруто платата во Република Македонија, што е значително финансиско олеснување за компаниите. Тие воопшто не ги плаќаат социјалните придонеси цели 12 месеци, со дополнителна обврска да го задржат младиот човек уште 12 месеци или, пак, доколку тој се откаже да најдат соодветен друг млад човек којшто ќе го вработат и ќе ја реализираат истата мерка. Јас сум задоволен и изненаден од реализацијата на оваа мерка. Досега преку оваа мерка се вработија повеќе од 5.680 млади луѓе за само неколку месеци откако се реализира, односно од март оваа година, што е голем број на вработувања во Република Македонија. Тоа се 5,6,7 поголеми фабрики со над 1.000 луѓе коишто на некој начин се обезбедени вработувања преку само оваа мерка. Особено е важно што оваа мерка ќе продолжи да се реализира и во 2015 година, се до март 2016 година и се надевам интересот и понатаму ќе биде голем кај приватните компании за да ја искористат истата. Покрај грантот за самовработување во однос од 3.000 евра којшто се реализира преку АВРМ и преку којшто оваа година имаме 950 формирани мали бизниси, од кои повеќе од 30% се млади луѓе до 29 години на кои сме им дале финансиски средства од 3.000 евра за да отворат сопствен бизнис. Воведовме и нов модел, односно нов кредит за младите луѓе во нашата држава. Секој оној кој сака да се самовработи, да формира сопствен бизнис или, пак, да се здружат повеќе млади луѓе за да формираат сопствен бизнис имаат навистина многу добра шанса да подигнат кредит под поволни услови од 7.000 до 23.000 евра до 4 вработувања. За основачот на компанијата 7.000 евра за самовработување и плус за секое ново вработување по 4.000 евра со грејс период од 1,5 година, односно од 18 месеци. Голем грејс период во кој не тече камата. По завршување на грејс периодот само 1% каматна стапка годишно, со 7 години рок на враќање. Оваа година ваква шанса искористија над 250 млади луѓе и оваа мерка и понатаму ќе продолжи да се реализира. На месечно ниво АВРМ отвора огласи и на истите може да аплицира секој млад човек. Треба да се понуди соодветно обезбедување и гаранција за самиот кредит, меѓутоа ваков кредит ретко може да се сретне. Не само во земјите во нашето опкружување, туку и многу пошироко во европските држави. Верувам дека ќе го искористуваат со текот на времето голем број на млади луѓе кои сакаат да ја реализираат својата идеја, да преземат ризик, но и да ја развијат сопствената идеја, да ја развијат на тој начин економијата, бидејќи малите бизниси се и моторот на развојот на економијата во нашата држава и генератор на нови вработувања. Токму поради тоа и финансиски го стимулираме вработувањето и самовработувањето на младите луѓе во нашата држава и понатаму ќе продолжиме со низа вакви и слични мерки со особен фокус на младите. Преку активните мерки и политики за вработување коишто ги реализираме на годишна основа. Немаме време да дискутираме за сите, меѓутоа со финансиски средства од околу 10 милиони евра годишно се поддржуваат голем број на вработувања, на самовработувања, на субвенционирање на вработувања гледаме и наредната година опфатот на младите луѓе да биде 30% преку овие мерки кои ги реализира АВРМ. Сакам да ги поттикнам младите да ги следат огласите, да го следат веб-сервисот и мобилната апликација на АВРМ коишто ги направивме – avrm.gov.mk и prv.mk, со цел да добиваат навремени информации за можностите коишто ги имаат, за можностите коишто ги дава државата за истите да ги искористат, посочи Спасов.

ivanaintervjudime33

Плаќањето на придонес за хонорарците е една од најактуелните теми. Ќе ни објасните ли малку подетално, зошто е сево ова важно да се спроведе со оглед на фактот дека имаше и протест за оваа тема?

– Сметам дека позади протестот се крие една политичка димензија и одредени политички субјекти се обидуваат да прикажат невистини преку лаги и манипулации, изнесување на лични навреди. Целта на оваа мерка е пред се заштита на работничките права, а можеме да аргументираме со повеќе примери. Ние како држава не смееме да дозволиме работниците да се злоупотребуваат континуирано. Не е чесно една шивачка која работи во конфекција и која што зема 10-11 000 денари плата да плаќа социјални продонеси. Од друга страна, има реални примери каде што одредени физички лица кои не се во редовен работен однос, воопшто не плаќаат придонеси, а остваруваат приход. На пример мината година има физички лица кои оствариле над 200.000, 500.000 па и над 3 милиони денари под авторски договори или договор за дело, а воопшто не платиле социјални придонеси. Што не е допустливо и не е чесно. Од друга страна има голем број на работници кои што се злоупотребуваат и наместо да се во редовен работен однос се ангажираат во форма на авторски договори или договор на дело со цел да извршат одредени задачи, а за таа сметка работодавачот не им плаќа никакви придонеси. Тој човек во иднина нема услови да оствари пензија, а доколку се повреди на работа, не е здравтсвено осигуран и не му тече стаж. Тој е во многу понеповолна положба од работникот кој е во редовен работен однос, а работи вредно и чесно исто како работникот кој е осигуран. Има и работници кои се пријавени како редовно вработени, но се пријавени на минимална плата, а останатиот дел од платата им се испаќа преку авторски договори или договор за дело, што исто така не е чесно и не е правилно. Ако работникот работи за плата од 18.000 денари, а ако реланта плата која ја диктира пазарот треба да му изнесува 18 или 20.000 денари не е чесно на нему да му се плаќаат прионеси за 10.000 денари, а останатите 10.000 денари да му се префрлаат преку договор за дело со цел работодавачот да не му плати социјални придонеси. Тој работник ако работи за 20.000 денари плата треба да му се платат придонеси за 20.000 денари, со цел во иднина да оствари поголема пензија. Средствата кои фондовите ќе ги остварат од реалзација на оваа мерка не одат во ничив џеб, нема да се ивестираат како што велат од опозицијата, за фасади или слично, туку тие страни одат за Фондот. Со тие средства ќе им порасне пензијата на луѓето, а во иднина ќе имаат можност да остварат пензија луѓето кои што со години работат со договр за дело. Тоа не е допустливо. Како утре ќе живее тој човек кога ќе има 65 години без пензија? Доколку ме се плаќале социјални придонеси ќе може да оствари пензија и ќе има сигурна социјална иднина. Има уште еден позитивен аспект а тоа е можноста за доработка или докуп на стажот за оние имаат наполнето 64 години, но нема 15 години работен стаж за да оствари старосна пензија. Ако на пример има 13 или 14 години работен стаж може да ги доработи или докупи тие години кои му фалат од работниот стаж за да оставри старосна пензија. А тоа е мерка која е позитивна за голем број на луѓе кои што не оствариле услови за старосна пензија во Република Македониа. Од друга страна пак ваква мерка има во 95% во државите во Европа кои пред повеќе години ја имаат воведено оваа мерка. На пример во дел од државите се плаќа и социјални придонеси на прихди по основ на закуп. Некој издава деловен простор, остварува приход од тоа и на тоа плаќа социјални придонеси и нема смисла зошто во голем број држави да ја има оваа мерка а во Република Македонија да ја нема. Значајно е да се спомене дека Македонија е земјата која има најниски социјални придонеси, односно е една од три држави кои имаат најниски социјални придонеси. Персоналниот данок ни е најнизок во Европа и изнесува 10%, социјалните придонеси без персоналниот данок изнесуваат 27%. Во најголемиот број на европски држави и земји на Балканот, социјалните придонеси изнесуваат над 30%, а има и повеќе примери на европски држави каде што социјалните придонеси се и над 40%, што од друга страна покажува на тоа дека Република Македонија како земја со најсниски социјални придонеси мора да ги опфати сите граѓани кои што вршат одредена работа, а со тоа да обезбедат социјална сигурност за работниците и да обезбедат можности за стенување на старосна пензија, рече министерот Спасов.

Низа проекти за заштита на старите лица. Дел од нив се бесплатна бањска рекреација и бесплатен туристички викенд. Кажете ни нешто повеќе за овие проекти.

-Програмите и акциските планови за реализацијата на овие два проекти, односно за проектот Бесплатен туристички викенд и Бесплатна бањско-климатска рекреација ги поминавме на последната седница на Владата на Република Македонија којашто беше отворена. Се работи за доста позитивни проекти. Се трудат да не критикуваат дека сме реализирале многу проекти за највозрасните граѓани. Ние како помлади генерации коишто работиме во моментов имаме должност да им обезбедиме сигурна старост на повозрасните граѓани во нашето општество. Тие се луѓето коишто ја граделе оваа држава и коишто помагале во независноста на Република Македонија и ние како помлади едноставно имаме долг кон повозрасните граѓани со цел да им обезбедиме квалитетни услови за живот и да реализираме проекти коишто се во нивни интерес. Проектот Бесплатна бањско-климатска рекреација има навистина голем интерес кај пензионерите. Секој оглас којшто го распишуваме на годишно ниво за реализација на овој проект доаѓа на многу голем интерес од страна на пензионерите. Повеќе од 20-25.000 од година во година аплицираат за да ја искористат оваа бесплатна услуга. Од друга страна, со бесплатната бањско-климатска рекреација им се подобрува здравјето на повозрасните категории на граѓани. Тие се повозрасни и нормално е да се во потешка здравствена состојба. Во надминување на потешкотиите навистина бањско-климатското рекреирање им помага. Оваа година 2014 опфативме 5.500 пензионери коишто ја искористија оваа бесплатна услуга. Пет години по ред се реализира овој проект и го искористија 27.430 пензионери. Се работи за различни граѓани, не се работи за исти или, пак, повторување на услугата, бидејќи приоритет имаат оние коишто досега не ја искористиле минатата година. Токму поради интересот за овој проект ние и понатаму го продолжуваме и во нашата програма ставивме 4-годишен период во кој секоја година по најмалку 5.500 пензионери ќе ја искористат оваа услуга. Очекуваме некаде 15 јануари да излезе новиот јавен повик кој ќе трае еден месец и ќе имаат право да аплицираат сите заинтересирани пензионери, со тоа што како што кажав приоритет ќе имаат оние кои не ја искористиле услугата. Но исто така во бодувањето предност ќе се даде на сите кои користат инвалидска пензија со над 80% инвалидитет, кои се исто така во потешка состојба од останатите. Исто така, приоритет ќе имаат и рударите во Република Македонија, со оглед дека нивната здравствена состојба е потешка и работеле навистина една потешка работа во подземен ископ, во рудници. Се одлучивме оваа година приоритет да дадеме за овие категории, меѓутоа и за сите останати коишто имаат пониски пензии со цел да им дадеме можност на оние коишто се со пониски пензии, а подолги години во пензија да ја искористат оваа услуга. Дополнително се решивме за реализација на проект Бесплатен туристички викенд. Тоа значи дека пензионерите ќе имаат можност, до 3.000 пензионери следната година, да искористат бесплатен туристички викенд во туристичките центри во Република Македонија, во Струга, Охрид, Дојран, Берово, Преспа, Крушево. Ќе се поаѓа петок попладне, вечера во петок, бесплатен превоз, сабота полн пансион, недела појадок и ручек и попладне во недела ќе биде враќањето.Со проектот Бесплатна бањско-климатска рекреација имаат 6 полни пансиони, како и бањска рекреација, лекарски преглед и соодветни содржини во текот на денот. Би сакал да потенцирам дека овие два проекти се целосно бесплатни за пензионерите. За Бесплатна бањско-климатска рекреација издвојуваме 35 милиони денари годишно, плус 3 милиони денари за превоз, додека за Бесплатен туристички викенд планот е да издвоиме 10 милиони денари годишно. Уште еднаш сакам да потенцирам дека овие проекти се целосно бесплатни. Одредени структури во државата се трудат да ги дискредитираат овие проекти и да фрлат една темна дамка на еден навистина позитивен проект, наведувајќи невистини дека од посмртната помош за починатиот пензионер се одземаат средства за да се плати превозот или реализацијата на овој проект, што е апсолутна невистина. Ние како министерство годишно одвојуваме средства и воопшто не се работи за таков случај од посмртна помош на пензионер да се одземаат средства да се реализира овој проект. Единствено од посмртната помош се одземаат средства од фондот за ПИОМ во случај кога пензионерот имал долг према одреден субјект или према извршител и само во тој случај се крати од тие средства и во никој друг. Овој проект е целосно бесплатен за пензионерите и тоа се покажува со интересот којшто го имаат, како и со потврдата што ја имаме од нашите највозрасни граѓани во однос на овој проект, информира Спасов.

ivanaintervjudime00

На уште еден начин ја превземавте во свои раце грижата за ранливите категории. Што предвидува програмата за собвенционирање на потрошувачката енергија следната година?

-Станува збор за проект кој повеќе години веќе го реализираме. Ја субвенционираме потрошувачката на електрична енергија на семејствата кои се во најтешка материјална состојба, односно примателите на социјална и постојана парична помош. Најпрво се започна со 600 денари месечно субвенционирање, а потоа се зголеми на 700 денари колку што изнесува во моментот. Опфатот кој сакаме да го обезбедиме е околу 10.000 семејства кои треба да остварат месечно субвенционирање на потрошувачката на енергија. Тоа значи за електрична енергија, топлификација, нафта за греење, огревни дрва. Програмата беше донесена исто така на последната седница на Владата на Република Македонија. Превидуваме исто така да бидат опфатени 10.000 семејства, помошта да изнесува 700 денари месечно до јули. Потоа да се зголеми на 800 денари месечно, што исто така е проект од програмата на Владата и е едно ветување кое што го дадовме на граѓаните, односно на примателите на социјална парична помош. За реализација на овој проект, годишно ќе издвојуваме над 81 милион денари, што е навистина голема финансиска поддршка која се издвојува од МТСП и од Буџетот на Република Македонија за реализација на ваква финансиска помош. Со ова се потврдува фактот дека преку повеќе мерки и механизми ние ги поддржуваме најранлиците категории. Не е само социјалната помош која што ја остваруваат, туку и субвенционираме за потрошувачка енергија во овој дел. Исто така, го зголемуваме посебниот додаток за родителите, условен паричен надоместок за овие семејства доколку имаат деца кои се во редовно образование во средните училишта. Преку систем на мерки, донации од „Се грижиме за топол дом“ од граѓаните кои се поимотни и кои имаат соодветен мебел, опрема, предмети во домакинството кои се функционални и сакаат да ги донираат, истите им ги донираме повторно на овие граѓани. Голем број на запленета количина на облека и други предмети за домакинство кои се запленуваат од Царина и Агенцијата за запленет имот, во минатото се уништуваа, а сега ги донираме на овие категории на граѓани. Веќе имаме подготвен еден пакет од над 20.000 парчиња кои што ќе биде дистрибуиран до овие семејства пред празниците. Гледаме да дадеме сеопфатна поддршка на овие семејства во нашата држава, заклучи министерот за труд и социјална политика.