Спасов најави помош за семејството Добревски кое во пожар ја загуби куќата

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, денеска го посети семејството Добревски во селото Сушица на кое синоќа во пожар ја загуби куќата.

Министерот најави еднократна парична помош, но и помош за остварување на месечни парични надомести доколку условите за тоа се исполнети.

Со градоначалникот на општина Петровец сме во посета на село Сушица каде во текот на вчерашната вечер на Добревски целосно им изгоре објектот во кој живееше една постара жена. Ќе побараме повеќе начини како да им помогнеме на овие семејства да го надминат социјалниот ризик во кој се наоѓаат во моментов. За почеток дефиниравме еднократна парична помош од околу 4.000 евра заеднички од МТСП, Центарот за социјални работи и општина Петровец, истакна Спасов.

Информира дека оваа првична помош ќе им биде доволна за доградба на едниот објект каде, како што рече, сега ги поминуваат деновите со цел да го стават во една солидна состојба.

Во соработка со Црвениот крст ќе им бидат донесени доволно количини облека, храна, средства за хигиена бидејќи сето тоа им изгорело во пожарот кој го зафатил овој објект. И понатаму ќе го следиме овој случај. За постарата жена која живеела ќе се обидеме да ја упатиме и да и помогнеме да оствари редовна парична помош бидејќи таа се наоѓа во потешка здравствена состојба, односно се работи за жена која го има изгубено својот слух, рече Спасов.

Додаде дека на таков начин таа ќе има можност да оствари паричен надоместок за глувост во висина од 4.000 денари и паричен надоместок за нега од трето лице во висина од исто така 4.000 денари, што сепак зависи од лекарските комисии. Доколку таа ги исполнува условите, рече министерот, ќе и помогнеме да ги оствари и овие парични помошти. Додаде дека овој случај ќе го следат и натаму со цел да им се обезбеди континуирана поддршка.

Спасов најави помош за семејството Добревски кое во пожар ја загуби куќата
Спасов најави помош за семејството Добревски кое во пожар ја загуби куќата

Градоначалникот на општина Петровец Борче Митевски, истакна дека заедно со министерот Спасов направиле увид во состојбата и настанатите штети од синоќешниот пожар.

Решивме да излеземе во пресрет на ова семејство. Притоа Општина Петровец ќе одвои 60.000 денари, а освен тоа ќе им доделиме и хуманитарни пакети како што го правиме тоа за сите социјално загрозени семејства  во оваа општина. Постарата жена која овде живеела е сместена во една мала просторија поради што ќе гледаме што поскоро да ги извадат потребните документи за да можеме да и префрлиме одредени финансиски средства за да започне да ја реновира својата куќа, подвлече Митевски.