среда, 18 јануари 2017  |  Вести денес: 0

Спасов: Ременски потврди дека единствена цел и е создавање на хаос, вештачка криза и страв кај граѓаните

Поврзани вести

Сите настанати проблеми во остварување на правата на граѓаните од социјалната и детската заштита произлегуваат од хаосот кој го создаде изминатите месеци.

Техничката министерка за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски на денешниот брифинг со медиумите само потврди дека единствена цел и е создавање на хаос, вештачка криза и страв  кај граѓаните, се вели во реакцијата на дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов.

Таа соопшти низа манипулации, невистини  во врска со исплатата на права од социјалната заштита (за детски додаток за ноември, додаток за трето и четврто дете, за породилно отсуство, за мобилност и слепило, постојана парична помош, цивилна инвалиднина, сместување во згрижувачко семејство, парична помош за студирање, за згрижувач и слично) и состојбата на буџетот на министерството за труд и социјална политика, пишува во реакцијата.

 Во продолжение го пренесуваме целиот текст интегрално:

Со самиот факт што Ременски селективно  и паушално соопштува податоци  говори за нејзиниот обид да го затскрие нејзиното нестручно работење позади измислена криза. Сите дадени информации ја разобличуваат нејзината неспособност во менаџирањето на министерството сиот изминат период откако е назначена.

Сите настанати проблеми во остварување на правата на граѓаните од социјалната и детската заштита произлегуваат од хаосот кој го создаде изминатите месеци, од тоа што незаконски разреши голем број на директори во Центрите за социјална работа и го поремети редовното функционирање  како и од тоа што фокусот во работата на техничката министерка е деструкција и предизвикување на хаос во институците под министерството кои се одговорни во процедурите за изготвување на истите.

Десетина права од социјалната и детска заштита како родителски додаток за трето и четврто дете во износ од над 170 милиони денари, постојана парична помош во износ над 30 милиони денари,  потоа додатокот за мобилност, слепило и други се исплаќаат редовно, односно исплатени се во јануари за месец декември, податоци што само ја потврдуваат манипулацијата на Ременски.

Во делот на социјалната парична помош наместо изминатите неколку месеци да ги посвети на решавање на проблемите таа направи огромен застој во решавањето на истите, го блокираше решавањето на предметите по жалба и предизвика целосен застој.

После неколку месеци министерување Фросина Ременски наполно ја поремети работата на Центрите за социјална работа и другите институции со незаконско именување на в,д директори  и тоа се одразува врз спорото остварувањето на правата на граѓаните од социјалната и детската заштита.

Проектите на министерството се закочени бидејќи техничката министерка не одржува секојдневна редовна и нормална комуникација со секторите во министерството и институциите ниту ја координира нивната работа. Доколку покажеше поголем интерес кон работата наместо кон остварување на дневно политички поени немаше да се случи уназадување на работата во министерството.

Овие невистини се очаен обид за прикривање на несовесното работење на техничката министерка и замајување на јавноста.

Најчитани вести