Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на Специјалниот завод од Демир Капија, Петре Николов денеска го означија почетокот на втората фаза од реконструкцијата на зградите во Заводот.
– Министерство за труд и социјална политика започна интензивна соработка со Специјалниот завод во 2013. и на крајот од таа година целосно беше реновиран блокот А, а денеска започнува реконструкцијата и целосното реновирање на блокот Ц во Заводот, рече Спасов.
За ова реновирање, како што истакна министерот, се обезбедени околу еден милион денари финаниски средства. Тој најави продолжување на соработката со следни фази на реконструкција. – Битно е да се напомене дека практично изминатите две години 50 проценти од сместувачките капацитети ќе бидат целосно реновирани или капацитети за околу 100 лица, рече Спасов.
Министерството, како што додаде, дополнително има обезбедено од Агенцијата за запленет имот, донација од над две илјади пачиња облека и постелнина за корисниците во Заводот.
Спасов истакна дека и понатаму ќе се продолжат со активностите за подобрување на сместувачкиот капацитет и условите за згрижување на лица со најтежок степен на интелектуална попреченост во Република Македонија.
– Ќе продолжиме исто така да го надградуваме и кадарот кој работи овде, се со цел континуирано целосно да се подобруваат условите за работа и грижа за корисниците, рече министерот Спасов.
Директорот на Заводот Петре Николов изрази благодарност до Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика.
– Во оваа фаза имаме комплетно реновирање на санитарни чворови, електрика, клими, сите неопходни работи, со единствена цел да се подобри живеењето на лицата со интелектуална попреченост. Овде се сместени 53 штитеници со тешка и длабока ментална ретардација, соопшти Николов.
Во Специјален завод Демир Капија во моментов се сместени вкупно 236 лица.