Спасов: Стратешка цел е намалување на невработеноста и можности за вработување на младите

Стратешка цел на ВМРО-ДПМНЕ е намалување на невработеноста и создавање на можности за вработување на младите лица, рече денеска Диме Спасов, од ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа го потврдуваме со ветувањето кое го даваме на граѓаните, дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе отвори 64.000 работни места и намалување на стапката на невработеност на 22 проценти. Во овој контекст предвидовме низа мерки за поттикнување на вработувањето на невработени млади лица во Република Македонија, мерки кои се опфатени во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Можноста за ослободување од плаќање на социјални придонеси на работодавачите кои ќе вработат лице до 29 години е мерка која треба да стимулира вработување невработени млади лица со полно работно време, а за самите работодавачите претставува олеснување и поддршка затоа што државата им ги намалува трошоците за ангажирање на работен кадар односно ги ослободува од трошоци кои можат да ги задржат и да ги употребат во друга функција за развој на бизнисот“, рече Спасов.

Предвидено е, како што рече тој, ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и тоа: придонес за пензиско и инвалидско осигурување, придонес за здравствено осигурување и придонес за осигурување во случај на невработеност.

„Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување на месечна основа се однесува до просечна бруто плата за претходната година за период од 12 месеци, сметано од денот на вработувањето на  лицето. Покрај ослободувањето од социјалните придонеси работодавачот е ослободен и од плаќање на персонален данок на доход за тоа лице, можност за што веќе постои законско решение. Вкупните даночни ослободувања за работодавачите изнесуваат : 27 отсто по основ на социјалните придонеси и 10 отсто персонален данок на доход, односно ослободување од 37 отсто. Обврска на работодавачот е да го задржи лицето дополнителни 12 месеци, по истекот на периодот во којшто е ослободен од плаќање придонеси од  задолжително социјално осигурување“, рече Спасов.

Ослободувањето од плаќање на социјалните придонеси и персонален данок на доход, како што рече тој, важи и за самовработување на млади невработени лица до 29 години.

„Ние  нудиме конкретна Програма, со конкретни мерки и рокови. Нашата понуда е јасна и концизна. Граѓаните тоа знаат да го препознаат и на претстојните избори ќе ја направат разликата помеѓу  ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“, рече на крајот Спасов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.