Спасов: Тужби за Ременски за незаконско работење и незаконско разрешување на директори на јавни установи

Тужби за Ременски за незаконско работење и незаконско разрешување на 15 директори на јавни установи, најави заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Сакам да ја информирам јавноста дека ќе ги искористам сите правни средства во овој момент но и понатаму за спречување и докажување на незаконското, непрофесионално, несовесно и нестручно работење од страна на техничката министерка Ременски.

Денес ќе поднесам тужби за незаконско работење и незаконско разрешување на 15 директори на јавни установи во ресорот на Министерството за труд и социјална политика, барање за времена мерка на незаконските решенија.

Ваквата еднострана  одлука за незаконско разрешување на 15 директори на Центри за социјални работи и јавни установи претставува смислен и невиден политички реваншизам како дополна на нејзиното досегашно работење со блокада на започнатите проекти и партизација на министерството, вели Спасов во изјава за Нетпрес.

Спасов рече дека за ваквото незаконско разрешување и постапување, техничката министерка ќе сноси одговорност бидејќи причините за разрешување се повеќе од апсурдни и небулозни.

Конкретно, 12 директори на Центри за социјална работа се разрешени поради непотпишување на менаџерски договори со што Фросина Ременски прекршила повеќе закони. Во законот за социјална заштита е утврдено дека  министерот за труд и социјална политика и директорот може  да потпишат менаџерски договор за допрецизирање на правата и обврските. Но во законот нема рок за потпишување  на договорот ниту пак е предвиден основ за разрешување на директорот ако не потпише менаџерски договор ниту пак законски е дефинирана содржината на договорот.

Покрај тоа е договор се потпишува во согласност со вољата на двете страни, што значи двете страни треба да ја усогласат содржината на договорот. Спротивно на ова, техничката министерка понудила текст на договор со битни пропусти и со дискриминација на правата од работните односи на директорот. Поточно во тој договор предвидени се само обврските на директорот а не и сите права од работен однос кој и следуваат на другата договорна страна односно на директорот, покрај овие недостатоци понудените договори од страна на техничката министерка содржат и други битни пропусти, на пример во понудениот текст е наведено дека со потпишување на менаџерски договор започнува работниот однос на директорот, тоа не е точно и не е законски бидејќи  работниот однос на директорот започнува со именување на директорот кога и се пријавува во Агенцијата за вработување, вели заменик министерот.

Тој потенцира дека директорите од Центрите за социјална работа писмено и уредно  доставиле забелешки до техничката министерка при што  таа целосно ги игнорира и носи одлука за разрешување спротивно на Законот и врши злоупотреба на службените овластувања и класичен реваншизам.

Техничката министерка незаконски постапила и со разрешување на останатите тројца директори, директорот на Центарот за социјални работи-Кочани,  директорот на Центарот за социјални работи Демир Хисар и директорот на Јавна установа Дом за доенчиња и мали деца-Битола. Истите се разрешени наводно поради тоа што не доставиле годишни извештаи согласно Закон за социјална заштита. Се работи за очигледна  лага, бидејќи истите извештаи се доставени за 2012,2013 и 2014 година за што има конкретни докази, додека пак рокот за поднесување годишен извештај за 2015 е до крајот на февруари оваа година. Ова е флагрантен пример и доказ дека разрешувањето е незаконско. Техничката министерка за труд и социјална политика исто така го прекрши Законот за Влада каде е наведено дека сите правни, кадрови и финансиски прашања се потпишуваат од техничкиот министер и од дополнителниот заменик министер.  Како дополнителен заменик министер јас воопшто не бев информиран и не дадов согласност за ова незаконско разрешување. Согласно Законот за Влада исто така решенијата за разрешување на директорите немаат правна сила, вели Спасов.

Поради наведеното, Спасов најави дека ќе ги искористи сите правни средства во моментот и понатаму за докажување и спречување на незаконското, непрофесионално, несовесно и нестручно работење од страна на техничката министерка Ременски.

Денес ќе поднесам  поднесам тужба за незаконско работење од страна на техничката  министерка  поради  незаконското разрешување на 15 директори кои исто така  ќе поднесат  жалби до Државната Комисија за одлучување во управна постапка  и постапка од работен однос во втор степен. И понатаму ќе ги користам сите расположиви  правни средства за докажување и спречување на вакво незаконско работење.

Подмолното постапување на Ременски значи дека директорите по секоја цена морало да бидат разрешени и заменети со непрофесионални кадри од нејзината партија. Сред новогодишни и божиќни празници техничката министерка подмолно  нуди менаџерски договори  на директори како изговор за нивно разрешување. Во моментов 15 семејства страдаат поради политички реваншизам на Фросина Ременски.

Го прекрши Законот за Владата на Република Македонија, и заборави дека нејзината примарна функција како технички министер е во насока на спроведување на Законот и спроведување на избори а не за политички одмазди и воведување општ хаос во политиките за вработување, хаос во функционирањето на институциите и кочење на проекти во интерес на граѓаните, рече тој.