Спасов во посета на градинка во изградба во Виница

Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов во рамки на денешната работна посета на Виница ја посети детската градинка во која за потребите за згрижување деца од предшколска возраст се доградуваат уште три занимални и помошни простории.

Иницијативата за проширување на детската градинка во Виница за сместување на 50 деца во три занимални ја прифативме како Министерство бидејки најголемиот дел од работите се изведуваат со сопствени средства на општината. Наше обврска е да ги опремиме просториите за што Министерството ќе обезбеди средства во износ од еден милион и 200 илјади денари, истакна Спасов.

Тој истакна дека во изминатите неколку години Министерството за труд и социјална политика и општина Виница имаат изградено и опремено уште три клона на градинката во населените места Истибања, Блатец и Трсино, со цел целосно задоволување на потребите за згрижување деца од предучилишна возраст.

Градоначалникот на Виница, Емил Дончев потенцира дека со доградбата на уште три занимални има можност да се опфатат сите деца и оние кои чекаат за прием во градинката. Моментно се згрижени 440 деца, а до крајот на овој месец се очекува нивниот број да се зголеми за уште 60 деца. За доградбата, информира, ќе бидат вложени два милиони денари.

Новите три занимални на детската градинка во Виница се очекува целосно да бидат завршени и опремени до крајот на овој месец.