Македонија

Спасов во посета на семејството Арсовски чиј дом изгоре во пожар

Спасов во посета на семејството Арсовски чиј дом изгоре во пожар

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска во скопски Чаир го посети четиричленото семејство Арсовски, на кое на 29-ти декември во пожар им изгоре целата куќа и покуќнина и им донираше облека и храна.

Министерството за труд и социјална политика, заедно со шпедицијата „Боми 10“ ќе го обноват домот на семејството Арсовски, кое, како што подвлече Спасов, е во социјален ризик и во тешка материјална состојба. На семејството ќе им се помогне и со еднократна парична помош од 30 илјади денари.

– И понатаму ќе ја следиме состојбата на ова семејство бидејќи во самото семејство има слепа жена која во моментот остварува помош и нега за трето лице од околу 4.500 денари меѓутоа со оглед на тоа дека е потполно слепа може да добие и додаток за спелипо кој е околу 7 илјади денари, а тоа ќе значи и дополнителна парична помош за ова семејство, изјави министерот Спасов.

Тој ги повика сите приватни компании и граѓани кои можат да се вклучат во ваквите хумани акции за да им се помогне на социјално ранливите категории граѓани бидејќи само со саедничка помош можеме да им ја вратиме насмевката на семејствата кои се наоѓаат во тешка положба.

Игор Арсовски, еден од членовите на семејството чиј дом изгоре во пожар, изрази голема благодарност до сите хумани луѓе, особено до Министерството за труд и социјална политика и лично до министерот Спасов кој и денеска ги посети и брзо реагираше со донации и помош, по нивната несреќа.

Стојче Василев од шпедицијата „Боми 10“ истакна дека во рамки на општествената одговорност, компанијата како и секогаш донира парични средства за помош на ова семејство, за што побрзо да се изгради домот на семејството Арсовски.

Со донација од нова облека, зеленчук и овошје за Божикните празници за семејството Арсовски, денеска се вклучија и пратеничката Марија Андонова, заедно со брачниот пар М.Ј. и Б.Ј. од скопско Ново Лисиче. Тие најавија организирање хуманитарна акција по завршувањето на Божикните празници.